понеделник, август 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дваесет години пријателство, партнерство и соработка

Дваесет години пријателство, партнерство и соработка

1

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, деновиве престојува во Тополчани, Словачка, на покана од градоначалничката Александра Гјециова, по повод традиционалните „Денови на Тополчани“ и 20-годишниот јубилеј од соработката и збратимувањето меѓу Прилеп и Тополчани.

Две децении не се само бројка, тоа се години исполнети со средби, пријателство, културна размена, заеднички иницијативи и заемна почит. Овој значаен јубилеј е можност да го одбележиме она што заедно го создадовме, но и да отвориме нови перспективи за иднината – објави Проданоски.

Тој наведе дека било разговарано за продлабочување на соработката за европските проекти, заштитата на животната средина, управувањето со отпадот, културата, туризмот и економското поврзување.

– Особено ме радува што живее нашето партнерство преку луѓето и културата. Неодамнешната посета на фолклорни ансамбли од Словачка, кои беа наши гости на фестивалот „Итар Пејо“ во Прилеп, е уште една потврда дека пријателството меѓу градовите најсилно се гради преку директните средби и размената меѓу нашите граѓани – истакна Проданоски.

Како што рече за националната телевизија на Словачка, испратил јасна порака: „Прилеп и Тополчани остануваат пријатели, партнери и градови поврзани со трајни мостови на соработка“.

Според него, 20 години соработка поминале, но, како што наведе, најважно е она што ќе се создаде заедно, во годините што следуваат.

 

ИЗДВОЕНИ