понеделник, август 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Овците ни умираат, трпиме големи штети, а државата ни плаќа по 100...

Овците ни умираат, трпиме големи штети, а државата ни плаќа по 100 денари од килограм, реагираат овчарите

Сточарите велат дека задоцнетата реакција на институциите им предизвикува огромни загуби. Тие предупредуваат дека болеста се шири, стадата се намалуваат, а надоместокот од 100 денари за килограм не ги покрива реалните штети. Бараат итни мерки, поголем надоместок и забрзано спроведување на вакцинацијата. АХВ и МЗШВ уверуваат дека се преземаат мерки за спречување на ширењето на болеста, а со пристигнувањето на турските вакцини, ќе почне и вакцинацијата според официјалниот план

15

Ситуацијата со сипаниците кај малите преживари забрзано се шири и покрај апелите од сточарите, вакцини сè уште нема. Досега пцовисале околу 10 илјади овци, уништени се 40-50 стада, а сточарите трпат големи финансиски загуби. Велат дека секој ден има појава на нови жаришта, а некои сточари ги носат грлата на добиточните пазари без да знаат дали се заболени, што е дополнителен ризик. Тие бараат од државата побрзо да ја организира вакцинацијата на овците и да го преиспита обесштетувањето, кое во моментов е многу мало и изнесува само 100 денари за килограм.

Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили, предупреди дека околу 40 семејства веќе останале без егзистенција по уништувањето на нивните стада. Според него, досега се регистрирани повеќе од 50 жаришта, а бројот на пцовисани животни, можеби, е и поголем.

-Секој ден има пцовисани овци и се уништуваат големи стада. Институциите доцнат со реакциите, болеста одамна е присутна во нашата држава. Ние уште пред неколку месеци укажавме на финансиските последици што ги трпиме поради ширењето на болеста, но никој не нè сфати сериозно. Има стада што се болни по три недели и сè уште не се уништени и ја заразуваат и здравата стока. Дополнително, Агенцијата за храна и ветеринарство нема багери да ја закопува пцовисаната стока и ние сами мораме да го правиме тоа. Во спротивно, кучињата ќе ја влечат и ќе ја зарази и другата стока – вели Џемаили за весникот ВЕЧЕР.

Сточарите бараат што побрзо да стигнат турските вакцини, бидејќи се соочуваат со сериозни проблеми на терен. Стоката им умира пред очи, а тие не може ништо да сторат. Да станеш наутро и да го видиш цело стадо болно, а од него живееш, страшно е. Решението да ни ги уништат овците не е решение, а 100 денари од килограм за обесштетување е срамота, реагираат сточарите.

– На добиточните пазари сè уште се носат животни без вакцинација и без соодветна документација за движење, што го зголемува ризикот од ширење на болеста. Оваа болест само дополнително ја влошува состојбата во сточарството, никој повеќе не сака да чува овци. Мислам дека ова е крај на сточарството ако институциите не преземат мерки – додава Џемаили.

Според него, поради ненавремена реакција на институциите, сточарите плаќаат со своите стада.

Од Сојузот бараат да се формира посебен фонд за обесштетување на сточарите чии стада се уништени, како и да им бидат исплатени субвенциите за оваа година. Особено бараат да бидат опфатени и оние чии стада биле уништени пред 1 јули.

Милена Величковиќ, одгледувач на овци од Куманово и член на Управниот одбор на Сојузот, побара јасна одлука за вакцинацијата и аргументи од институциите доколку не се спроведува таа.

Таа нагласи дека сточарите мора да ги почитуваат биосигурносните мерки, да не внесуваат животни од други стада и да избегнуваат ризично движење на добитокот. Истовремено, побара ветеринарните станици и надлежните институции активно да ги советуваат сточарите.

Како можен проблем за вакцинацијата, сточарите го посочуваат и ризикот од ограничувања за извоз во Европската Унија. Величковиќ смета дека доколку е тоа причината, државата треба да бара алтернативни пазари.

– Ако не ни дозволи Европската Унија, ако тоа е цената за да ги спасиме нашите овци и овчарството во Македонија, нека се потрудат и нека ни најдат нови пазари – порача таа.

Таа дополнително го отвори прашањето за обесштетувањето на сточарите чии животни се уништени. Според неа, не е оправдано расни овци со значително повисока пазарна вредност да се проценуваат само според килограм жива мера.

– Нашите овци ги чуваме за егзистенција. Ако дојде време да ни ги уништат, треба да ни ги платат како што треба, а не од килограм – изјави Величковиќ.

Сточарите нагласуваат дека вакцинацијата, доколку биде одобрена од стручните и надлежните институции, мора да биде организирана и контролирана од државата, а не да се спроведува самостојно од одгледувачите.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека спроведува контролни и заштитни мерки во одгледувалиштата каде што е потврдено присуство на вирусот. По пријавата, се земаат примероци за лабораториско испитување, а при потврда на болеста, се носи решение за евтаназија и безбедно отстранување на заразените животни.

АХВ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека се обезбедени од Турција 500.000 дози вакцина како донација, кои се очекува да пристигнат деновиве. До Европската комисија е доставено и барање за дополнителни количества, а АХВ побарала и помош од експертскиот EUVET-тим.

Пред вакцинацијата, дозите ќе бидат лабораториски испитани за безбедност и чистота. Имунизацијата ќе почне по потврдувањето на резултатите, според официјалниот план и под контрола на АХВ.

Агенцијата апелира до сточарите да не вршат самостојна вакцинација. За вакцинирање без одобрение се предвидени санкции, а за заболените или одземените животни во таков случај нема да се исплаќа обесштетување.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ