Од „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“ до „Маме му е… кој прв почна“, „Друга страна“ и „Утерус“, драмите на Дејан Дуковски создаваат специфична театарска текстура исполнета со цитати, иронија, балканска стварност и силен општествен коментар. – Балканот има важна улога во драмите на Дуковски, тие се како уште еден лик што не е човечки, вид коментар, место дијагноза, тетоважа – кажа Ана Стојаноска во неодамна одржаниот разговор со Дејан Дуковски, во пресрет на МТФ „Војдан Чернодрински“. Во контекст на ова, Дуковски вели: „Драмата како жанр се занимава со кризата и конфликтот, а Балканот отсекогаш е такво место. Затоа ми беше сосема логично и ‘Буре барут’ да го има тој наслов, и излезе многу точен“
– Во театар се чувствувам како на свој терен. А сакам филм. Секогаш работам со режисери. Затоа што во филм многу е конкретно пишувањето. Во театарот, текстот е во фокусот и драмскиот писател има многу поголема слобода. На филм, тоа е друга машинерија – рече еден од најзначајните современи македонски драмски автори Дејан Дуковски, во разговорот што се одржа неодамна, на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Со Дуковски разговараше проф. д-р Ана Стојаноска, во рамките на програмата „Автор во фокус“, а во пресрет на 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 5 до 12 јуни, во Прилеп.
На настанот, кој траеше повеќе од еден час на ФДУ во Скопје, студентите и публиката имаа можност да ги проследат размислите на македонскиот драмски писател за повеќе прашања, кој воедно е и еден од најизведуваните на театарската сцена во Европа и во светот.

Дуковски влезе во македонската драма и театар кон крајот на 80-тите и 90-тите години и тогаш се случи превртување на тогашната сцена. Уште од првите драмски текстови: „Балканска 3/a“ (1988), „Последниот балкански вампир“ (1989), „Силјан Штркот шанца“ (1991) и „Џинот и седумте џуџиња“ (1991), ја најави својата препознатлива поетика. Неговото творештво ја носи во себе македонската драмска традиција, но истовремено ја преиспитува и ја трансформира, создавајќи моќен и автентичен театарски јазик што директно комуницира со времето во кое живееме.
– Секое време е добро за создавање театар. Секогаш има што да се каже доколку има кој да го слушне тоа. Што би рекол Сенко Велинов: „Не е добро време за уметност, ама немаме друго“. Во театарот многу често патиме. Суштината е тоа, публиката плаќа карта, сака да биде насмеана, растажена – рече Дуковски, додавајќи дека имал среќа да работи со добри режисери, со кои имал убава соработка и кои знаеле дури и да дадат совет во однос на текстот.
Интересно е што тој постави тренд во европскиот театар. Иако многумина умеат да кажат дека фамозниот тренд на постмодерната драма, познат како „театар на крв, сперма и пот“ (In yer face theatre), започнал од Англија и од Сара Кејн, како што истакнува Стојаноска, фактите, всушност, велат дека тој тренд тргнал токму од Скопје, од Македонија, од драмите на Дуковски.
На прашањето како се создава драмски автор, Дуковски вели дека не постои рецепт, но дека Факултетот имал голем удел (дипломира во класата на Горан Стефановски).
– На ФДУ можевме многу да научиме. Јас од Горан научив многу. Освен тоа, важни се и личните желби, афинитети, да се гледаат претстави. Исто така, многу беше важна соработката со актерите уште од студентските денови. Имавме теоретски дел, но, од друга страна, и целиот напор на Горан беше да нè мотивира да пишуваме. И целиот фидбек што ни го даваше беше многу креативен и важен. Тоа беше предизвик – вели тој.
Стојаноска, пак, рече дека доколку не постоел Унковски, немало да постои Горан, а доколку не постоел Горан, немало да постои ни Дејан.
– Традицијата игра клучна улога. Чашуле, Чернодрински… нив ги имам за заднина… без тоа не се може. Душко Ковачевиќ, Душан Јовановиќ, исто така. Благодарение на „Скомхрахи“, и нив ги запознавме, оти особено Унко ни носеше свои пријатели, колеги, со кои можевме да се среќаваме и да ги запознаеме – вели Дуковски.
Од „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“ до „Маме му е… кој прв почна“, „Друга страна“ и „Утерус“, неговите драми создаваат специфична театарска текстура исполнета со цитати, иронија, балканска стварност и силен општествен коментар.
– Балканот има важна улога во драмите на Дуковски, тие се како уште еден лик што не е човечки, вид коментар, место дијагноза, тетоважа – истакна Стојаноска.
Во контекст на ова, Дуковски вели: „Драмата како жанр се занимава со кризата и конфликтот, а Балканот отсекогаш е такво место. Затоа ми беше сосема логично и ‘Буре барут’ да го има тој наслов, и излезе многу точен“.
По најпоставуваната негова драма, филм сними Горан Паскаљевиќ. Прво Сашо Миленковски ја постави драмата, па беше поставена во Белград, потоа дојде филмот и драмата прошета низ целиот свет.
– „Буре барут“ ми отвори врата, а „Маме му е… кој прв почна“ дојде многу брзо по тоа.
За „Балканот не е мртов“ тој вели дека ја извртел приказната, чиј мотив е „Македонска крвава свадба“.
– Текстот излезе од ФДУ. Јас го извртев кодот – смрт на сите Турци, слобода на македонските девици. Направив љубовна приказна за да се покаже дека е бесмислено насилството. Па имаше тогаш муабети дека сум ја менувал историјата. Тоа беше време на многу засилен национализам, а текстот беше коментар.

На настанот, Стојаноска ја отвори и горливата тема дека многу тешко создаваме нови приказни и автори.
– Во 1990-тите години, многу соработки тргнуваа од ФДУ. Режисерите Димитар Станковски, Александар Поповски работеа да се постават домашните театри и да бидат и на сцените надвор од Скопје. Денес ја немаме таа практика. Многу ретко се поставуваат македонски драми и ретко постои соработката меѓу режисерите и драмските автори – истакна Стојаноска.
Според Дуковски, продукцијата на текстовите е проблем и театрите треба да имаат поголема отвореност кон авторите.
– Не е поентата и театрите да имаат директива и да поставуваат по секоја цена. Мислам дека треба на факултет да се бара клучот. Како да се паднати и критериумите. Дипломската работа, на пример, треба да биде текст поставен на голема сцена. Во тоа помагаше и Факултетот со препорака и со сè. И се бараше квалитет. Јас сум драматург во МНТ и често го поставувам прашањето за малата сцена и за младите автори. И најчесто се вели, нема текстови. Треба да е синџир тоа, да се има одговорност. Факултетот може и треба да им предлага текстови на театрите – смета Дуковски. На прашањето кој совет ќе им го даде на студентите, Дуковски рече: „Најважно е да не се откажувате. Пишувањето значи многу работа“.
Од светските автори, тој го издвои Мартин Мекдона. Во март се случи премиерата на последниот негов текст, „Црно злато“, кој во Југословенско драмско позориште го постави Оливер Фрлјиќ.

– Тој е добар критичар, имавме фантастично искуство. Многу интересен процес на работа, многу мудар режисер. Имавме многу комплициран процес, со пауза. Одлична соработката и се надевам дека ќе продолжи – вели Дуковски и потсети дека годинава на сцената на МНТ текстот ќе го постави Слободан Унковски.
На прашањето, пак, дали му се случило да не му се допадне некоја постановка на негов текст, со смеа признава дека многу често се случува тоа.
– Многу пати сум се разочарал од тоа како е поставен некој текст. Тоа е најчесто кога некој глуми некаков Балкан. Имало доста лоши претстави – вели тој.
Во однос на МТФ „Војдан Чернодрински“, чиј „автор во фокус“ е годинава, Дуковски посочува: „Од студентските денови ми е убаво, кога сме оделе. Фестивалот е стар колку мене. И многу ми е важен, сосе наградите. Се шегувавме дека фестивалот е шанса за секси сеанса“.












