„ Традицијата се чува со примери, а не со зборови. Секоја генерација има обврска да додаде свој слој на културното наследство пред да го предаде понатаму. Мислам дека сме на добар пат, но мораме да бидеме погласни во промоцијата на нашите вредности во образовниот систем за да не дозволиме туѓи влијанија да го потиснат она што е автентично и само наше“, вели директорката на НУ „Танец“, Весна Митевска, со која во интервјуто за весникот ВЕЧЕР во пресрет на големиот христијански празник разговаравме за значењето на Велигден, за улогата на традицијата во современото време и за важноста од нејзиното пренесување на младите генерации… Таа на читателите на весникот ВЕЧЕР им посака празничните денови да ги поминат во добро здравје, опкружени со најблиските. „Нека радоста на Христовото воскресение им донесе сила за нови победи. Да ја чуваме нашата Македонија, да го негуваме тоа што сме и со гордост да го играме нашето тешко оро“, порача Митевска
Во празничниот амбиент на Македонскиот народен театар, Ансамблот на народни игри и песни „Танец“ го одржа својот традиционален Велигденски концерт — величествен настан за кој секогаш се бара билет повеќе. Велигден, како еден од најсветлите и највозвишените христијански празници, има длабоко значење за секој верник. Тој е празник што нè враќа кон корените, нè обединува во верата и ја зајакнува вербата во подобро утре. Воедно, претставува симбол на семејните вредности и вечната победа на доброто над злото. Токму затоа, во чест и во пресрет на овој голем празник, „Танец“ преку фолклорот и годинава ги чествуваше македонските корени, богатата традиција и непроценливото духовно наследство. Убавината на македонските ора и песни и овој пат ги растрепери срцата и ја наполни со радост душата на присутните во салата, која, очекувано, беше исполнета до последно место.
Токму по повод големиот христијански празник, со директорката на „Танец“, Весна Митевска, кај која љубовта кон фолклорот и традицијата се раѓа уште во најраните детски денови и со несмален интензитет трае до денес, разговаравме за значењето на празникот, за традицијата на македонскиот народ и за младите генерации кои треба да ја чуваат и да ја пренесуваат.
Што претставува Велигден, овој голем, духовен и семеен празник, за Вас лично?
Велигден за мене е симбол на победата на животот над смртта и на надежта над безверието. Тоа е време кога духовно се обновуваме и се потсетуваме на вистинските вредности – љубовта, простувањето и трпението. Лично, Велигден го доживувам како празник на светлината кој ја обединува фамилијата и носи внатрешен мир.
Кои македонски велигденски обичаи најмногу Ве допираат и зошто?
Најсилен впечаток секогаш ми остава првото црвено јајце – заштитникот на домот. Во него е содржана целата симболика на македонската мајка и нејзината молитва за здравје. Исто така, одењето в црква на полноќ, кога илјадници свеќи го осветлуваат мракот, е момент кој буди чувство на заедништво и силна припадност кон нашиот корен.

Сметате ли дека денешните генерации доволно ја негуваат нашата вековна традиција?
Традицијата не е нешто што треба да стои во музеј под стакло, таа е жива материја. Младите имаат интерес, но ние мораме да им ја доближиме на нивниот јазик.
Со оглед на тоа дека сте директор на ансамблот за народни песни и игри, дали фолклорот може да биде модерен и близок до младите?
Фолклорот може да биде модерен. Кога врвната кореографија ќе се спои со современа продукција, младите го препознаваат тој код кој им е запишан во гените. Фолклорот е нашата најстара, но и најмодерна лична карта.
Како дигиталното време влијае врз интересот на младите да се занимаваат со фолклор и што би им порачале?
Дигиталното време е меч со две острици. Од една страна, вниманието е распрснато, но од друга – социјалните мрежи ни овозможуваат македонското оро и песна да стигнат до милиони луѓе со еден клик. Пораката до младите е да не се плашат да бидат „свои“. Фолклорот не е само чекор и ритам, тоа е карактер. Влегувањето во ансамбл или игроорна група учи на дисциплина и на другарство какви што не може да понуди ниеден виртуелен свет.
Како Вие лично се најдовте во овие води и како фолклорот стана дел од Вашиот живот?
Јас израснав со фолклорот. Почнав да се занимавам со фолклорот уште како дете, од седумгодишна возраст, кога тргнав на училиште, а потоа бев и дел од културно-уметнички друштва. Значи, бев член во културно-уметничкото друштво Скопје, па потоа, за моја голема среќа, кога требаше да се запишувам средно училиште, јас бев првата генерација на фолклорниот смер во училиштето „Илија Николовски-Луј“, така што сум прва генерација стручно образован фолклорен играч. Потоа, по средното образование се запишав на етнологија, каде што студирав три години. Четвртата година ја ставив во мирување затоа што на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се отвори насоката етнокореологија на која бев втора генерација дипломирани етнокореолози. Сега сум на постдипломски студии и повторно ѝ се вратив на етнологијата. Можам да кажам дека целиот мој живот, всушност, е посветен на фолклорот и на традицијата, а во институцијата сум вработена од 2007 година. Првично во хорот, затоа што и тогаш за прв пат ансамблот „Танец“ имаше свои вработени и свој хор. Претходно, сите беа надворешни соработници, значи позајмени уметници, колеги, конкретно од Македонската опера. Потоа, од 2011 сум во делот на игроорниот кор, сè до 2024. И сега, овие уште малку две изминати години, сум на најодговорната функција, така што мислам дека она стекнато искуство тука како уметник помага да знаеш што навистина треба да се стори во оваа институција. Не дека претходните колеги на оваа функција не си ја извршувале одговорно својата работа, но според мене, мислам дека е секогаш подобро кога некој е од внатрешноста, навистина ги разбира потребите и проблемите на една институција со која се носи и знае како треба таа да се развива.
Како да ја зачуваме традицијата, дали оваа генерација ја исполнува обврската културното наследство да го предаде на идните генерации?
Традицијата се чува со примери, а не со зборови. Секоја генерација има обврска да додаде свој слој на културното наследство пред да го предаде понатаму. Мислам дека сме на добар пат, но мораме да бидеме погласни во промоцијата на нашите вредности во образовниот систем за да не дозволиме туѓи влијанија да го потиснат она што е автентично и само наше.
Со какви предизвици се соочува националната установа „Танец“ денес и каква е неговата улога?
„Танец“ е симбол на македонскиот идентитет. Најголем предизвик е да се задржи автентичноста во изразот, а истовремено да се биде во чекор со светските сценски стандарди. Ние сме амбасадори во движење, кои насекаде низ светот ја раскажуваме приказната за непокорот и убавината на Македонија.
Која е Вашата велигденска порака до читателите на ВЕЧЕР?
Посакувам празничните денови да ги поминат во добро здравје, опкружени со најблиските. Нека радоста на Христовото воскресение им донесе сила за нови победи. Да ја чуваме нашата Македонија, да го негуваме тоа што сме и со гордост да го играме нашето тешко оро.
Македонско оро ќе се игра и во Велика Британија и на Малта

Кои проекти и гостувања ќе ги реализирате годинава и дали „Танец“ ќе ги шири македонската култура и фолклорот и надвор од границите на државата?
Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, својата нова концертна сезона ја почна под моќното мото „Пулсот на предците, во ритамот на денешницата“. Оваа сезона „Танец“ продолжува да ја испишува живата историја на македонскиот фолклор, правејќи храбар чекор кон современите сценски текови, притоа задржувајќи ја изворната чистота на македонскиот код. Програмата ветува несекојдневно доживување во кое минатото и сегашноста се преплетуваат преку врвна игроорна прецизност, раскошен вокал и незаменливиот звук на традиционалните инструменти. Новата сезона е конципирана како мост помеѓу вековната традиција и модерната естетика. Оваа концертна сезона, во фокусот на програмата ќе бидат проектите „Чалгиски бисери“, „Вечното ехо на Бадев“. Концертната сезона беше отворена со традиционалниот Велигденски концерт во Македонскиот народен театар на 8 април, по што ќе следува интензивна турнеја низ градовите во Македонија.
Танец, како подвижен музеј на нашето духовно богатство, и оваа година ќе ги освојува најголемите светски сцени, чувајќи ги македонскиот мелос и оро од заборавот во Обединетото Кралство – Велика Британија и Република Малта.
Даниела ТРАЈКОВСКА Фото: Ѕ.Плавевски и НУ „Танец“












