четврток, ноември 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ДУИ ѝ даде рок од 24 часа на власта за извинување за...

ДУИ ѝ даде рок од 24 часа на власта за извинување за обвинувањата околу Алта банка, во спротивно најавува тужби

1

Полемиката меѓу власта и опозицијата околу случајот со Алта банка продолжува, при што двете страни ја префрлаат одговорноста една на друга. Демократската унија за интеграција (ДУИ) сега бара јавно извинување од претставниците на владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и Влен во рок од 24 часа и најавува судска разрешница доколку тоа не се случи. Оттаму велат дека наведените обвинувања се невистинитите и неосновани дека поранешната влада на СДСМ и ДУИ го овозможила влезот на српската Алта банка во македонскиот банкарски систем. Од партијата најавуваат дека доколку не добијат извинување, ќе поднесат тужби за клевета.

Генералниот секретар на ДУИ, Арбен Адеми, на денешната прес-конференција ги отфрли обвинувањата и порача дека одговорноста за влезот на Алта банка треба да ја сносат институциите кои ги издале потребните дозволи во 2025 година, во периодот на актуелната влада. Адеми оцени дека обвинувањата од власта имаат цел да ја манипулираат јавноста и да ја прикријат сопствената одговорност, нагласувајќи дека во 2023 година, за време на владата на СДСМ и ДУИ, не била донесена ниту една одлука со која на Алта банка ѝ бил овозможен влез на македонскиот пазар.

Според неговото објаснување, тогашните активности на Владата биле насочени кон заштита на државниот имот, односно акциите што Северна Македонија ги поседувала во белградската банка, наследени од поранешна Југославија.

Адеми посочи дека на 24 октомври 2023 година Владата го задолжила Државното правобранителство да ги заштити правата и интересите на државата пред српските институции, оценувајќи дека станувало збор за правна заштита, а не за договор или деловна соработка со Алта банка.

Во прилог на своите тврдења, генералниот секретар на ДУИ презентираше хронологија на институционалните одлуки од 2025 година. Според него, на 1 септември Народната банка дала согласност Алта банка да стане сопственик на Стопанска банка – Битола. Десет дена подоцна, Комисијата за хартии од вредност, предводена од Бујаре Абази, издала дозвола за купување на акциите, додека на 16 октомври 2025 година Алта банка станала сопственик на 93 проценти од акциите на битолската банка.

Тој ја посочи и одлуката на Владата од 23 септември 2025 година, донесена на предлог на Министерството за финансии, со која 16 државни институции, меѓу кои Фондот за здравствено осигурување, ЕСМ и Агенцијата за вработување, биле задолжени во рок од три дена да ја разгледаат понудата на Алта банка за откуп на нивните акции.

-Ова се факти и конкретни одлуки. Одговорноста треба да ја преземат оние што ги одобриле, а не да ја префрлаат на некој друг – порача Адеми.

Реакцијата на ДУИ следува по вчерашните обвинувања на премиерот Христијан Мицкоски, кој за време на собраниската надзорна расправа за состојбите во Алта банка АД Битола тврдеше дека поранешната влада на СДСМ и ДУИ дала согласност за продажба на акциите во Стопанска банка – Битола и го задолжила Државното правобранителство да стапи во комуникација со сопственикот на Алта банка Србија, Давор Мацура.

На обвинувањата вчера реагираше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој ги оцени како лага и обид за дефокусирање на јавноста. Филипче објасни дека Мацура ги откупил акциите од поранешната југословенска Југмест банка, а потоа се обидел да ги преземе и акциите што им припаѓале на поранешните југословенски републики врз основа на принципот на сукцесија.

Според Филипче, македонската влада во тој период одбила да му ги продаде акциите на Мацура, но тој подоцна преку Босна и Херцеговина, согласно српското законодавство, ги откупил преостанатите акции без согласност на македонските институции.

ИЗДВОЕНИ