МЗТ Скопје Аеродром продолжува со разочарувачките настапи во ФИБА Европа купот, откако претрпи нов убедлив пораз во групната фаза. Македонскиот шампион на гостувањето кај Ираклис загуби со високи 103:73 во натпреварот од шестото коло.
Грчкиот состав уште од самиот почеток ја презеде контролата и со 29:17 ја доби првата четвртина. На полувремето предноста изнесуваше 12 поени (47:35), но во продолжението Ираклис дополнително го засили темпото и стигна до убедлива победа од 30 поени разлика.
Во редовите на МЗТ, Емир Крајниќ беше најрасположен со 17 поени и 10 скока, додека Лесли Варнер додаде 15 поени. Кај победничкиот тим, Хорчелер постигна 19, а Леке 18 поени.
Со овој пораз, МЗТ Скопје останува на последното место во својата група, со ниту една победа на европската сцена.











