Во Холандија за прв пат е извршена евтаназија на неизлечиво болно дете откако на почетокот на 2024 година стапија на сила правилата што го овозможуваат тоа, објави министерката за јавно здравје на таа земја, Софи Херманс.
Во писмото упатено до парламентот, Херманс наведува дека специјалната комисија за евалуација на евтаназија кај децата го разгледала пријавениот случај, разговарала со лекарот што ја водел постапката и наодите ги проследил до Јавното обвинителство, кое ќе утврди дали лекарот постапил во согласност со законот, пренесе NL Times.
Холандската министерка не даде детали за возраста на детето, ниту за природата на болеста. Согласно прописите донесени во 2024 година, дозволена е евтаназија за деца на возраст од една до 12 години кои боледуваат од неизлечива болест, со согласност на родителите и по проценка дека не постои можност за ублажување на маките со други методи.
Мерката е наменета за тешко болните деца кои се очекува да умрат во догледна иднина, вклучително и пациенти со тешки вродени аномалии и метаболички нарушувања.
Пред новите правила, евтаназијата беше дозволена во Холандија само за новороденчиња и деца над 12 години, додека палијативна седација и други мерки за ублажување на симптомите беа достапни за деца меѓу една и 12 години.












