„Само ти“ е песна што е спакувана како поп-рок бонбонче во нивната новоотворена музичка слаткарница, како што сакаат да кажат тие. Многумина со право велат дека имаме нов, летен, македонски поп-рок хит
Онаму каде што го започна своето возобновено музичко патешествие кон крајот на минатата 2025 година, со своето првенче „Каде ти, таму јас“, македонското поп-рок дуо „Коктел“ сега продолжува со нова песна. Тоа се Стевче Грозданов и Блаже Темелков, добро познати музички имиња на македонската музичка сцена. Своето враќање го зачинија со тема што јасно го истакнува нивниот стил. „Само ти“ е песна што е спакувана како поп-рок бонбонче во нивната новоотворена музичка слаткарница, како што сакаат да кажат тие.
Задржувајќи ја истата линија на стил што реши да го негува или, поточно, продолжи уште откако започна пред 30 години, дуото „Коктел“ и натаму ја покажува својата музичка автентичност на свој сопствен начин, по рецептура што отсекогаш била мера за естраден успех. Пак има хитовска песна, со едноставен ритам, лесно певлив рефрен, кој на прва влегува во уши, и виртуозна гитарска бравура.
Поп-рок парче, како оние старите хитови од поранешна Југославија, кои повозрасните ги потсетуваат на нивните најубави младешки години. Без плејбек-вокал, без вештачки фајлови, „набилдан“ ритам, купишта синтетизирани звуци… Само чиста, природна енергија, со соло вовед, искрен, емотивен текст отпеан од суптилниот вокал на Блаже и гитара што како да плаче, вреска и реже под прстите на Стевче.
Доволно ретро за да биде повеќе од модерно. Песната е визуализирана со едноставно, но симпатично видео, кое изгледа мошне искрено и на моменти толку романтично, особено ако се знае дека во него првпат заедно е модно-брачната двојка Светлана и Мики Црнокрак. Приказна што дава дополнителна убавина.
Музиката и стиховите се авторско дело на пејачот Блаже Темелков, аранжманот на Стевче Грозданов, кој го потпишува и видеоспотот. Миксот и мастерингот ги изработи Горан Гешовски. Многумина со право велат дека имаме нов, летен поп-рок хит.












