вторник, јули 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДОНИРАЊЕТО НА ОРГАНИТЕ ПОВТОРНО СПАСУВА ЖИВОТИ: Во градите на 52-годишен пациент чука...

ДОНИРАЊЕТО НА ОРГАНИТЕ ПОВТОРНО СПАСУВА ЖИВОТИ: Во градите на 52-годишен пациент чука ново срце, младич доби бубрег

Министерството за здравство соопшти дека на две лица им се пресадени органи од донор, при што изрази почит кон починатиот донор и благодарност до семејството поради согласноста за донирање на неговите органи

1468

Органи од починат донор – срце и бубрег – продолжиле да живеат во организмите на два пациенти на кои им биле итно потребни како резултат на хуман гест на семејството на лицето кое пострадало во сообраќајна незгода. Министерството за здравство вчера соопшти дека лицата што ги примиле органите се на возраст од 52 и 23 години.

– Во градите на 52-годишен пациент, кој од 2021 година со нетрпение и верба чекаше на националната листа за трансплантација – од денеска чука ново срце. Симбол на нов живот, нов почеток и неизмерна благодарност. Истовремено, 23-годишно момче доби бубрег и со него, шанса за поквалитетен живот. Донирани се и коскени ткива, уште еден исклучителен дар, кој ќе помогне во лекување и обновување на живот – соопшти Министерството.

Оттаму, изразија голема благодарност до семејството што решило да ги донира органите на нивниот пострадан член.

– Кога болката е неиздржлива, а зборовите немаат сила, постојат луѓе кои наоѓаат сила да ја донесат можеби најхуманата одлука. Токму тоа го стори едно семејство, кое во најтешките мигови од својот живот, одлучи да подари живот на другите. Со оваа исклучителна одлука за органдонорство, нивниот сакан продолжува да живее во срцата, телата и насмевките на луѓе кои повторно имаат шанса – соопшти Министерството.

Министерот за здравство Азир Алиу изрази најдлабока почит за храброто семејство.

– Нивната одлука за нас е патоказ при креирање на идните политики. Благодарност до сите здравствени работници чија посветеност, експертиза и професионалност ја имаа оваа благородна мисија за нова надеж и нов живот – додаде тој.

И Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација искажа почит до семејството.

– Огромна почит до семејството на починатиот донор, кое со оваа храбра одлука одлучи да го промени крајот на нечија приказна. Кога сме сплотени и имаме една ваква хумана мисија, заеднички и тимски може да поместуваме граници – рече Кузмановска.

Неофицијалните извори наведуваат дека срцето било земено од младо починато лице кое настрадало во сообраќајна незгода на скопско подрачје. Биле земени и одредени коски кои ќе бидат искористени за некои подоцнежни трансплантации со оглед на тоа дека за таквите интервенции не е неопходно да се извршат во кус рок.

Навестување дека ќе следуваат трансплантации имаше завчера, кога Министерството за здравство објави изрази на почит кон починатиот органодарител и јавна благодарност неговото семејство.

– Во овие моменти, хуманоста на едно семејство и посветеноста на здравствените работници отвораат можности за нова надеж и нов живот. Министерството за здравство изразува најдлабока благодарност до семејството на дарителот и признание до сите медицински тимови вклучени во овој сложен и благороден процес – се наведува во објавата.

Правата трансплантација на срце во Македонија беше извршена во 2020 година, а досега се извршени повеќе такви интервенции. Во овој период, околу 200 лица се на листата за трансплантации, при што најмногу чекаат пресадување на бубрег, а триесетина пресадување на срце. Најмладиот пациент што чека срце е девојка на 26 години. Во текот на 2025 година, семејствата на тројца починати донори се согласиле на донирање органи, додека во 2023 и 2024 година имало по двајца кадаверични донатори.

Министерството за здравство, деновиве води национална кампања под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“. Вчера и д-р Љуљзим Агаи, директор на Клиниката за неврохирургија, преку видеообраќање, изразува поддршка за оваа хумана акција.

– Се наоѓаме на нашата интензивна нега, каде што секојдневно се бориме за животите на нашите пациенти и многупати успеваме во тоа, но, понекогаш болеста е посилна од нас, посилна од нашите можности. Со тоа што завршува животот, може да почне еден нов живот, доколку му дадеме шанса на проектот за трансплантација на органи – изјави д-р Агаи. (Б. Ѓ.)

 

 

ИЗДВОЕНИ