Foto: vfmkd.org.mk

Македонската одбојкарска репрезентација пристигна во Софија, каде што вечерва ќе го почне настапот на Европското првенство. „Црвено-жолтите“ веќе одработија неколку тренинзи во помошната сала на арената „8888“.  Репрезентативците пристигнаа во одлично расположение, но селекторот Јошко Миленкоски веднаш побара максимална концентрација за предизвиците што следуваат.

Македонија во првото коло ќе се соочи со домаќинот Бугарија (вечерва од 18:00 часот), а потоа, во групата Б, следуваат дуелите со Украина, Полска, Португалија и со Израел.

Миленкоски претходно истакна дека групата е исклучително силна, но дека неговите избраници се добро подготвени за настапот на четвртиот последователен Евроволеј.

За претстојниот шампионат, има четворица дебитанти во составот. Техничарот Давид Стојанов, коректорот Кристијан Илијев, средниот блокер Михајло Мирасчиев и либерото Филип Јованов се играчите што првпат ќе настапат на еден континентален собир во националниот дрес.

– Може да изразиме само задоволство што го отвораме ова првенство против домаќинот, кој е и актуелен светски вицешампион. Бугарија влегува со огромни амбиции за висок пласман и за нов, голем резултат. Се игра пред полна сала, во земја каде што одбојката е спорт број еден и не се сомневам дека Бугарите ќе направат сè отворањето да биде еден вистински спектакл. За нас, како играчи, стручен штаб и репрезентација, да играме во еден таков амбиент, како никогаш досега, е голема чест. На тој натпревар ќе се обидеме да го дадеме максимумот, што поголем број играчи да добијат шанса да ја почувствуваат атмосферата и да сфатат што значи еден голем натпревар на Европско првенство. Нè очекува спектакуларно отворање на ЕП и среќа и задоволство е што ќе бидеме учесници на самиот тој настан – заклучи стратегот Миленкоски.

Бугарите, како домаќини, ќе имаат поддршка од 14-илјадна публика и со статусот на актуелен светски вицешампион, важат за апсолутни фаворити. Нашите одбојкари нема да влезат со бело знаме на тој натпревар. Напротив, Македонија на ЕП 2019 во Љубљана го победи организаторот Словенија, па зошто сега да не приреди ново изненадување? (С. Т.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ