Додека градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, уверува дека на местото на конфискувана парцела, која била наменета за резиденцијално домување, се предвидува пренамена и изградба на дом за стари лица, со што, како што посочува, нацрт-планот не отвора нова урбанизација, туку коригира постојно решение во насока што е покорисна за граѓаните и поблиска до нивните реални потреби, советниците од „Шанса за Центар“ и од ЗНАМ – За Наша Македонија гласаа против. Од ЗНАМ бараат да се носат одлуки за Водно со мислење од надлежните институции за ризикот од ерозија и од свлечишта, а од „Шанса“ дека со планот, на подрачје на Водно што е под влијание на ерозија, се планира изградба на уште 25 големи објекти, од кои 24 се приватни куќи хациенди, а само еден од нив ќе биде дом за стари лица. Од Општина Центар тврдат дека во нацрт-деталниот урбанистички план не се цртаат нови парцели, како што, според нив, инсинуираат некои советнички групи, туку станува збор за постојни приватни парцели што се опфатени со претходниот план. Додаваат дека со овој нацрт ДУП значително се намалува и обемот на градење
Не стивнуваат реакциите откако вчера Советот на Општина Центар го донесе нацрт-деталниот урбанистички план за Барутана, кој допира до заштитениот дел на Водно.
Додека градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, уверува дека на местото на конфискувана парцела, која била наменета за резиденцијално домување, се предвидува пренамена и изградба на дом за стари лица. Тој посочува дека нацрт-планот не отвора нова урбанизација, туку коригира постојно решение во насока што е покорисна за граѓаните и поблиска до нивните реални потреби. Но, советниците од „Шанса за Центар“ предупредуваат дека со планот, на подрачје на Водно што е под влијание на ерозија се планира изградба на уште 25 големи објекти, од кои 24 се приватни куќи хациенди и само еден од нив ќе биде дом за стари лица.
– Не станува збор за ново подрачје што првпат се урбанизира, туку за простор што со години бил дел од урбанистичко планирање, а сега, конечно, добива план што е поодговорен, побезбеден и поблиску до потребите на граѓаните – појаснија урбанистите на Општина Центар.
Од Општина Центар додаваат дека со новиот нацрт-план за градскиот кварт Ј 05 – Барутана, изградбата на домот за стари лица се предвидува на парцелата 2777/23, имотен лист 55571, која претходно имала намена А01, резиденцијално домување.
– Станува збор за конфискувана парцела со површина од 5.397 квадратни метри, која сега е во сопственост на државата. Иницијално, домот за стари лица бил предвиден на друга локација на Водно, но Владата не го отстапила земјиштето – образложуваат општинските власти.
Притоа, тврдат дека во нацрт-деталниот урбанистички план не се цртаат нови парцели, како што, според нив, инсинуираат некои советнички групи, туку станува збор за постојни приватни парцели што се опфатени со претходниот план. Додаваат дека со овој нацрт-детален урбанистички план значително се намалува и обемот на градење.
– Наместо 43.429 квадратни метри, колку што биле предвидени со стариот план, сега се предвидени 29.459 квадратни метри, односно 33 % помалку. Дополнително, наместо потпокрив, дозволена е градба П+2, а процентот на изграденост е ограничен на 40 % – истакнаа од Општина Центар.
Што се однесува на безбедноста на теренот и на околните објекти, потенцираат дека е предвидено само едно подземно ниво, а зелените површини се зголемени на 40 %, што е двојно повеќе од законскиот минимум.
– Со тоа, јасно е дека не станува збор за нова масовна урбанизација, туку за корекција на постојно урбанистичко решение во насока што е побезбедна, поодговорна и покорисна за граѓаните – децидни се од локалната самоуправа.
Тие потсетуваат дека станува збор за нацрт-план, кој допрва треба да помине на јавна анкета, каде што граѓаните ќе можат да ги изнесат своите забелешки, по што ќе се изработи финална верзија со прифатените сугестии, а планот повторно ќе се најде пред Советот на Општина Центар.
Герасимовски нагласи дека со овој план се исполнува предизборната заложба кон повозрасните сограѓани.
– Наместо елитни апартмани, на оваа локација ќе имаме дом за стари лица, нешто што навистина му е потребно на Центар – заклучи Герасимовски.
Советничката Билјана Филиповска-Тодорчевска од „Шанса за Центар“ посочи дека овој предел е шума што ја насадиле нашите сограѓани по Втората светска војна за да се заштити Водно од ерозија на земјиштето.
– Сите знаеме што значи ако почне да се јавуваат ерозија и свлечишта. Уништуваме шума и зеленило од 9.000 квадратни метри за да се градат 13 објекти за да гради некој инвеститор. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради. Па зарем за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? – рече таа.
За да се изградат дел од предвидените хациенди, според советниците од „Шанса за Центар“, потребно е Општината да пробива улици на овој стрмен, пошумен терен и да дислоцира дел од магистралната водоводна цевка.
– Покрај зголемувањето на опасноста од ерозија на земјиштето, спроведувањето ваков план може да предизвика и големо трошење општински пари, односно пари на сите граѓани, само за да се овозможи изградба на луксузни куќи – предупредуваат советниците од „Шанса за Центар“, а дополнително забележуваат дека во документацијата за нацрт-деталниот урбанистички план нема мислење на Дирекцијата за заштита и спасување, што, како што велат, би требало да го има, со oглед на тоа што се работи за ваков терен.
Александра Цветановска од ЗНАМ потсети дека не може да се игнорира фактот дека предложениот план отстапува од Генералниот урбанистички план и предупреди дека наместо аргументите и јавниот интерес, повторно преовладале интересите, кои отвораат простор за нова бетонизација.
– Процентот на изграденост се зголемува од 5,8 на 30,17 %, односно 5,2 пати. Бруто-изградената површина расте од 6.500 на 29.459 м², односно 4,5 пати, а коефициентот на искористеност се зголемува од 0,17 на 0,91, односно 5,35 пати. Дополнително, постојат решенија со кои одделни градежни парцели се третираат на начин што отвора сериозен сомнеж дали водечки критериум бил јавниот интерес или нечии лични интереси – предупреди Цветановска од ЗНАМ и потсети дека Водно не е простор за тргување, туку природно богатство што мора да остане за сите граѓани.
Предлог-одлуката за утврдување нацрт-детален урбанистички план за градскиот кварт Ј 05 – Барутана беше изгласана на седницата на Советот на Општина Центар со 13 гласа „за“ и 9 против. Советниците на „Шанса за Центар“, Левица и на ЗНАМ и уште двајца од големите партии беа против вакво искористување на падините и шумите на Водно.
(А. П.)












