среда, јули 15, 2026
Дома СКОПСКА Со ГИС-порталот до брзи услуги и информации за Општина Центар

Со ГИС-порталот до брзи услуги и информации за Општина Центар

19

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните да го користат ГИС-порталот, современа дигитална платформа што овозможува брз, едноставен и транспарентен пристап до услугите и информациите на Општината.

Преку порталот, достапен на https://gis.centar.gov.mk/NexusPublicPortal/PublicPortal/Map, граѓаните на едно место може да ги следат сите актуелни информации, тековни и планирани инфраструктурни проекти, јавни повици, новости и активности на локалната самоуправа.

– Со едноставна регистрација, секој граѓанин добива пристап до широк спектар на дигитални услуги и информации. Нашата цел е преку современи алатки да ја подобриме комуникацијата со граѓаните, да ја зголемиме транспарентноста и да овозможиме полесен пристап до општинските услуги – истакна Герасимовски.

Преку ГИС-порталот, корисниците може да ги следат сите новости, соопштенија и активности на Општината, да се информираат за културната програма, јавните настани и манифестации, да добиваат информации за тековните и за планираните инфраструктурни зафати, да учествуваат на анкетите, консултациите и на граѓанските форуми, со што активно придонесуваат во креирањето на општинските политики и приоритети.

Во рамки на ГИС-порталот достапни се и информации за деталните урбанистички планови, со можност за пребарување и електронско поднесување барање за извод од ДУП, 3Д- приказ на општината, Дигитал твин – дигитален близнак со современа 3Д-визуализација на просторот, Зелен катастар, кој овозможува детален увид во зелените површини, парковите и дрворедите, како и информации за јавната инфраструктура, сообраќајната мрежа и за другите просторни податоци од значење за граѓаните.

Порталот постојано се надградува со нови дигитални услуги и функционалност. Еден од најкористените е модулот за градинки, преку кој родителите имаат персонализиран увид во активностите на своето дете, присуството, известувањата од градинката и во другите важни информации.

– Со развојот на ГИС-порталот, Општина Центар создава модерна, транспарентна и ефикасна локална самоуправа, достапна за сите граѓани – велат од локалната самоуправа.

 

 

ИЗДВОЕНИ