Килограм вранец од годинашната берба ќе се откупува по 21,80 денари, додека откупната цена на смедеревката е утврдена на 20 денари за килограм. Ова се годинашните откупни цени за двете најзастапени вински сорти грозје, кои ги соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од Министерството велат дека се утврдени цените согласно со Законот за вино и со важечката методологија за пресметка на производствените трошоци, но лозарите оценуваат дека тие се ниски, имајќи ги предвид зголемените трошоци за производство и повисоките откупни цени во регионот. Како пример ја посочуваат Србија, каде што, според нив, винското грозје се откупува по околу 60 денари за килограм.
Лозарските здруженија бараат промена на Законот за вино и укинување на, како што велат, монополската положба на винарниците, со цел да се обезбедат подобри услови за производителите и поголема конкуренција при откупот.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, објасни дека при утврдувањето на цените биле земени предвид сите релевантни производни параметри, меѓу кои трошоците за агротехнички мерки, заштита, прихранување, работна сила, механизација, репроматеријали, како и други фиксни и варијабилни трошоци.
– Производствената цена е утврдена врз основа на реални податоци добиени преку теренски анкети и анализи на репрезентативен примерок на лозарски стопанства, со што се обезбедуваат објективност, стручност и транспарентност во процесот. За поголема транспарентност, анкетните листови беа и јавно објавени на страницата на Земјоделскиот институт – Скопје – изјави Серафимовски.
Тој нагласи дека Министерството останува посветено на доследната примена на законските процедури и на обезбедувањето фер, транспарентен и предвидлив процес во интерес на лозарите и на винарската индустрија, при што сите активности се реализираат согласно со Законот за вино и со подзаконските акти што ја регулираат оваа област.
Во споредба со минатата година, откупната цена на смедеревката е повисока за 1,10 денари, односно од 18,90 денари се зголемува на 20 денари за килограм. Кај вранецот, зголемувањето е 0,50 денари, односно цената од 21,30 денари се зголемува на 21,80 денари за килограм.
Согласно со законските одредби, Министерството за земјоделство секоја година ја утврдува производствената цена на двете најзастапени вински сорти грозје. За таа цел, преку јавен конкурс се избира научна институција што ја изработува анализата. Годинава, пресметката ја подготви Земјоделскиот институт – Скопје, врз основа на детални економски анализи и податоци собрани директно од лозарските стопанства.
Од Националната земјоделска мрежа сметаат дека новиот министер за земјоделство треба да иницира промена на методологијата за пресметка на производствената цена на винското грозје и донесување нов закон за вино, бидејќи, според нив, сегашниот закон ги штити интересите само на винарниците.
– Методологијата за пресметка на производствената цена е одредена од страна на поранешниот министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, и таа треба да се промени поради зголемените трошоци за производство и зголемените откупни цени на винското грозје во регионот. Според нашите пресметки, откупната цена треба да биде околу 30 денари за двете вински сорти – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Лозарите бараат, преку стопанските комори или преку други правни субјекти, да им се обезбедат дополнителен пласман и целосна либерализација на извозот на винското грозје.
– Откупните цени на винските сорти грозје во регионот се многу повисоки. Во соседна Србија, вранецот и смедеревката се откупуваат по 60 денари за килограм. Поради тоа, да не се повтори она што се случуваше изминатите години, односно нашето грозје да завршува на пазарите во регионот, бараме да се зголеми откупната цена – посочи Каракашев.
Состојбата со откупот и годинава повторно го отвора прашањето за односот меѓу лозарите и винарските компании. Додека институциите уверуваат дека се пресметани цените според утврдена методологија, производителите бараат да се промени таа и да ги следи реалните трошоци и движењата на регионалниот пазар. Конечен тест ќе бидат текот на бербата и начинот на кој ќе се одвива откупот на грозјето.
(А. С.)












