Девет убодни рани, автомобил оставен на темен паркинг – случајот што долго време беше еден од најголемите мистерии во Скопје, доби пресврт. Зад грозоморното сценарио за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски стои брачен пар од Скопје. Мотивите и натаму енигма за јавноста
Повеќе од две години, случајот за убиството на докторот Ацо Трповски остана без одговори, пред сè, за семејството и за пациентите на кои им беше матичен лекар во Поликлиниката во „Железара“. Паркингот пред амбулантата остана местото каде беше пронајдено безживотното тело на Трповски, а прашањата за тоа кој и зошто го убил лекарот, долго останаа енигма. Сега, по долга истрага, Обвинителството и полицијата тврдат дека ја составиле целата слика за ноќта која заврши трагично за 67-годишниот лекар.
На 21 март 2024 година, Трповски требало да се врати дома како и секој друг ден по завршувањето на работата. Но, откако не се појавил во вообичаеното време, неговите синови почнале потрага. Неколку часа подоцна, во 23 часот, му го пронашле телото во неговиот автомобил „киа“, паркиран пред поранешната клиника „Железара“. Лекарот бил пронајден на возачкото седиште, со повеќе убодни рани по телото. Обдукцијата покажа дека смртта настапила поради тешките повреди нанесени со остар предмет – девет убоди во пределот на градите и телото.
Ноќта по убиството, истрагата почна од нула. Полицијата ги пребаруваше камерите од објектите во близина, но возилото на лекарот се нашло под агол кој не овозможувал јасен увид во случувањата. Паркингот бил јавна површина, слабо осветлен, без директен надзор кој би го открил напаѓачот. Во првите денови беа проверувани повеќе лица. Три лица беа приведени, но набргу беа пуштени бидејќи не беа обезбедени докази за нивната поврзаност со убиството. Случајот остана без осомничен, без мотив и без јасна трага.
Сепак, истрагата продолжила. По повеќе наредби издадени од јавен обвинител и нови сознанија, Министерството за внатрешни работи обезбедило докази кои, според Обвинителството, упатуваат дека зад убиството стојат 65-годишен маж и неговата 59-годишна сопруга. Според истрагата, сопругата се договорила да се сретне со Трповски на паркингот во Автокоманда. Кратко откако влегла во неговото возило, пристигнал нејзиниот сопруг. Тој ја отворил вратата од автомобилот и го извлекол лекарот, по што почнала расправија. Во еден момент, според Обвинителството, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани на Трповски, од кои тој починал. По нападот, двајцата сопружници, според досега презентираните сознанија, го ставиле телото на предното седиште од автомобилот и го однеле до паркингот пред Поликлиниката „Железара“. Таму, осомничениот го префрлил телото на возачкото седиште, а неговата сопруга, според сомнежите на Обвинителството, ги избришала трагите од автомобилот со средство за чистење. Потоа двајцата го напуштиле местото.
Долго време случајот изгледаше како злосторство без сведоци и без траги. Автомобилот на лекарот беше единствената појдовна точка од која истражителите тргнаа да ја бараат вистината, а убодните рани на телото ја наметнуваа дилемата дали станува збор за пресметка, личен конфликт или друг мотив кој допрва треба да се открие. Сега Обвинителството смета дека има доволно докази за сомневање за кривично дело убиство против 65-годишникот, а неговата сопруга е осомничена дека помогнала по извршувањето на делото. За двајцата е побарана мерка притвор. (П. А.)












