среда, јули 15, 2026
Дома СКОПСКА Почна уредувањето на коритото на Сува Река во Сарај

Почна уредувањето на коритото на Сува Река во Сарај

12

Со инвестиција од над шест милиони евра, обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање, почна целосното уредување на коритото на Сува Река во Општина Сарај. Проектот опфаќа 12 километри од селото Бојане до Глумово, каде што се влева реката во Треска, и ќе се реализира етапно до 2029 година, со цел трајно решавање на проблемот со поплавите и заштита на животната средина.

Градоначалникот на Општина Сарај, Илијас Весели, истакна дека се работи за сеопфатна инвестиција што директно го засега и го подобрува животот на илјадници граѓани од Општина Сарај и му става крај на долгогодишното стравување од поплави на локалното население.

– Ова не е само обичен инфраструктурен проект туку и инвестиција во мирот, безбедноста и достоинството на секое семејство што живее покрај ова корито. Со години наназад, жителите на селата покрај коритото живееја со постојана закана од поплави. Ги гледаа своите земјоделски површини оштетени, своите домови изложени на ризик, а безбедноста на нивните семејства, со секоја нова, дождлива сезона, беше ставана под прашалник. Oва поглавје на загриженост се затвора – истакна Весели.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, истакна дека со уредувањето на овие 12 километри од влезот на селото Бојане, па сè до селото Глумово, директно се заштитуваат домовите, имотите и обработливото земјиште на илјадници граѓани на Општина Сарај.

– Она што е уште поважно е што му ставаме крај на загадувањето и ги елиминираме ризиците за здравјето на луѓето во летниот период. Граѓаните на Општина Сарај заслужуваат чиста животна средина и безбеден живот. Оваа инвестиција е дел од нашата голема инфраструктурна офанзива што ја реализираме во целата држава – истакна Хоџа. 

На вчерашното почнување со работа на проектот, премиерот Христијан Мицкоски рече дека станува збор за капитален проект од витално значење за подобрување на квалитетот на животот на населението во овој регион.

Тој нагласи дека Владата останува посветена на реализацијата на ветените проекти и покрај повеќедецениските наталожени проблеми.

– Оваа Влада останува да биде посветена на реализирањето на проектите, на ветувањата, тоа што сме го презеле како обврска. Не е лесно, има многу предизвици, нема да очајуваме, бидејќи проблемите што се таложеле со децении не може да се решат прекуноќ, но бараме начин, бараме можност повеќе за да биде завршено сето она што претставува приоритет на граѓаните – заклучи Мицкоски. 

ИЗДВОЕНИ