Општина Илинден продолжува со инвестициите во нова, современа механизација и во професионална опрема, со цел унапредување на квалитетот на комуналните услуги, подобрување на условите за работа на вработените и поефикасно одржување на јавните површини и на инфраструктурата.
Во таа насока, во изминатиот период, за потребите на ЈКП „Илинден“ беа набавени батериски коси – тримери, батериска телескопска пила за сечење гранки со додаток за кастрење жива ограда, батериска дувалка, батериска косилка, како и батерии и полначи.
– Со оваа инвестиција постепено се заменува дел од бензинската механизација со еколошки и енергетски поефикасни алати, кои не испуштаат штетни емисии, имаат значително пониско ниво на бучава и не бараат употреба на гориво и на масла. На тој начин се придонесува кон заштитата на животната средина, но и кон намалувањето на трошоците за одржување на опремата – соопштија од Општина Илинден.
Во рамките на набавката, обезбедена е и професионална машина за чистење подови, која ќе се користи за одржување на спортската сала.
– Бидејќи салата е во фаза на реновирање, новата машина ќе овозможи поефикасно одржување на подната површина, повисоко ниво на хигиена и подобри услови за користење на спортскиот објект, истовремено олеснувајќи им ја работата на вработените – појаснуваат општинските власти.
Дополнително, набавена е и професионална опрема за обработка и заварување метал, која вклучува МИГ/МАГ CO₂ апарат за заварување, комбиниран МИГ/МАГ CO₂ и рачен електролачен апарат, отсечна пила за прецизно сечење метал и акумулаторна аголна брусилка.
– Оваа опрема ќе овозможи изведување поголем број интервенции со сопствени ресурси, меѓу кои поправка на надградбите на комуналните возила, метални садови за отпад, реквизити и заштитни огради на детските и спортските игралишта, како и санација на заштитните огради на мостовите и на другата комунална инфраструктура – информираат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека, со овие инвестиции, продолжуваат да вложуваат во модернизацијата на комуналните капацитети, обезбедувајќи поквалитетни, поефикасни и поодржливи услуги во интерес на сите граѓани.












