Документарецот „Приказната за Силјан“, на македонската режисерка Тамара Котевска, доби две номинации за наградите „Еми“ (Emmy Awards), едни од најпрестижните признанија во светската телевизиска индустрија.
Првата номинација е за Исклучителни заслуги за снимање документарни филмови (Exceptional Merit In Documentary Filmmaking), категорија која препознава дела со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност, а втората е за Извонредна кинематографија во програмата за документарни филмови (Outstanding Cinematography For A Nonfiction Program) што претставува признание за визуелната моќ на филмот и за кинематографијата на Жан Дакар.
– Ова е првпат македонски филм да биде номиниран за наградите „Еми“, со што успехот на „Силјан“ добива историско значење не само за Македонија туку и за документарниот филм во регионот. Со овие номинации, филмот на Котевска испиша нова страница во историјата на македонската кинематографија, истакнуваат од Агенцијата која работи ПР за филмот „Приказната за Силјан“ во Македонија.
„Еми“ се американски телевизиски награди со многу категории и се сметаат за телевизиски еквивалент на Оскарите. Свеченото доделување на 78. Награди „Еми“ ќе се одржи на 14 септември оваа година во театарот „Пикок“ (Peacock Theater) во Лос Анџелес, САД, додека наградите во креативните категории (Creative Arts Emmy Awards) ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.
Да потсетиме, филмот „Силјан“, инспириран од познатата македонска приказна, ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
Минатата година, филмот ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски фестивал, по што доби повеќе позитивни реакции од светската филмска критика, се прикажа на многу престижни фестивали и се закити со повеќе награди, меѓу кои „Наградата на Музата“ (Cinema and Arts Award) во Венеција и наградата за најдобар документарец на доделувањето на 41. Меѓународни награди за документарен филм (International Documentary Awards – IDA).
Третиот документарец на Котевска беше откупен од „Нешенал џеографик документари филмс“ за прикажување, а лани беше и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.
„Силјан“ е копродукција на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се кинематограферот Жан Дакар, како и Јорданчо Петковски, Ана Хашми и режисерката Котевска. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.
– Со овие две номинации, „Приказната за Силјан“ продолжува да го носи македонскиот документарен филм на светската мапа, од големите фестивалски подиуми до една од најпрестижните награди во телевизиската индустрија, додаваат од агенцијата. (Н. И. Т.)












