Македонија во изминатите години изгубила околу 230.000 жители поради иселувањето, а последиците од овој тренд се чувствуваат на пазарот на трудот. Работодавците сè потешко наоѓаат квалификувани работници, додека недостигот на кадар веќе не е проблем само за градежништвото, угостителството и транспортот туку и за индустријата, здравството, ИТ-секторот и услужните дејности. Според познавачите на пазарот на трудот, најголема загуба е тоа што најголемиот дел од иселените се работоспособни лица, оние што најмногу придонесуваат за растот на продуктивноста, создавањето на бруто-домашниот производ и за економскиот развој на државата. Додека голем број земји од регионот и од Европа го надоместуваат недостигот од работници со зголемување на квотите за увоз на странска работна сила и со поедноставување на процедурите за нивно вработување, во Македонија процесот сè уште е сложен и бавен. Наместо да се издаваат работните дозволи и дозволите за престој преку единствен систем и на едно место, постапката вклучува повеќе институции, што ја продолжува процедурата и, според експертите, остава простор за административни пречки и коруптивни ризици.
Дел од економистите сметаат дека може да се ублажи недостигот на работна сила преку забрзана дигитализација, автоматизација на производните процеси и поголема примена на вештачката интелигенција. Сепак, тие предупредуваат дека овие технологии може да ја зголемат продуктивноста, но не може да го решат клучниот демографски проблем: иселувањето на младите, стареењето на населението и намалениот наталитет, кои долгорочно претставуваат еден од најголемите предизвици за македонската економија.
Еден од начините за ублажување на недостигот од работна сила се забрзаната дигитализација и поголемата примена на вештачката интелигенција, смета претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.
– Вложувањето во дигитализацијата и во вештачката интелигенција ќе даде резултати многу побрзо отколку природната репродукција на населението. Најголемиот проблем е што ја губиме работоспособната популација, а токму таа е двигател на економскиот развој, продуктивноста и на создавањето нова вредност. Поради тоа, неопходно е да се ревидираат сите државни политики, имајќи го предвид недостигот на работоспособно население – од инвестициите, преку производството, па сè до потрошувачката и планирањето на економскиот развој – изјави Бошков за весникот ВЕЧЕР.
Според него, Македонија ќе мора да го олесни и да го забрза увозот на странска работна сила, но истовремено да ги намали административните процедури, кои, како што вели, создаваат простор за корупција.
– Постапката за издавање дозволи не е едношалтерска, туку во неа се вклучени повеќе институции, што остава простор за административни пречки и за коруптивни ризици. Сепак, квотите за увоз на странски работници мора да се зголемат, бидејќи недостигот на работна сила е сè поизразен, особено во земјоделството, угостителството, туризмот и во градежништвото. Доколку се либерализира постапката и се зголемат квотите, ќе се намали и бројот на работници што работат нелегално или престојуваат во државата без регулиран статус – истакнува Бошков.
И претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, смета дека недостигот од работна сила не може да се реши само со увоз на странски работници, но дека тоа е една од мерките што мора да се преземат додека се бараат долгорочни решенија.
– За 2025 година беа поднесени околу 8.000 барања за работни дозволи за странски државјани, а годинава потребите на стопанството се уште поголеми и се проценува дека недостигаат околу 10.000 работници. Затоа е неопходно да се скратат и поедностават административните процедури за вработување странци, бидејќи тие сега траат предолго и во нив се вклучени повеќе институции. Тоа не само што ја забавува постапката туку создава и простор за коруптивни ризици – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Тој посочува дека во голем број европски држави постапката е организирана по принципот на „едношалтерски систем“, додека во Македонија работодавците и странските работници мора да поминат низ повеќе институции.
– Кај нас, барањата се поднесуваат и во Агенцијата за вработување и во Министерството за внатрешни работи. Дополнителен проблем е што Македонија нема доволно дипломатско-конзуларни претставништва во земјите од кои доаѓаат работниците, како Непал, Бангладеш и Индија. Затоа тие често мора да патуваат во соседните држави каде што има македонски дипломатски претставништва само за да ја почнат постапката за добивање дозвола за влез и работа – објаснува Димитров.
Според него, сегашниот систем создава и правен апсурд.
– За да почнат да работат во Македонија, странските работници најпрво добиваат дозвола за влез, а дозволата за работа ја чекаат подолго време. Во меѓувреме, дел од нив работат без регулиран работен статус. Затоа треба да се обединат процедурите, да се дигитализираат и значително да се скратат, за стопанството навреме да ја добие работната сила што му е неопходна – вели Димитров.
Во однос на дигитализацијата и на вештачката интелигенција, тој смета дека тие може да ја зголемат продуктивноста и да ја намалат потребата од дел од работната сила, но не може да го решат суштинскиот демографски проблем.
– Вештачката интелигенција и дигитализацијата може да помогнат во одредени сектори, но не може да ги решат стареењето на населението, нискиот наталитет и одливот на работоспособни луѓе. Ако сакаме да го намалиме иселувањето, најпрво мора да ги утврдиме причините поради кои заминуваат младите, дали се тоа ниските плати, корупцијата, партизацијата, нефункционалниот правен систем или недостигот од можности за професионален развој. Дури потоа може да се креираат ефикасни политики за нивно задржување во земјава – истакнува Димитров.
(А. С.)












