Покрај реконструкцијата на салата, предвидено е и целосно уредување на спортско-рекреативниот центар, поставување нова спортска подлога со паркет и баланс, како и изградба на детско игралиште, чија реализација е планирана за 2027 година
Викендов беше означен почетокот на реконструкцијата на спортската сала во Делчево, инвестиција вредна 50 милиони денари. Иако предвидениот рок за реализација е 18 месеци, очекувањата се салата да биде завршена и ставена во функција веќе наредното лето.
Покрај реконструкцијата на салата, предвидено е и целосно уредување на спортско-рекреативниот центар, поставување нова спортска подлога со паркет и баланс, како и изградба на детско игралиште, чија реализација е планирана за 2027 година.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека целта е преку вакви инвестиции да се ревитализираат спортските центри низ државата. Тој најави продолжување на програмата за изградба на мултифункционални игралишта, со очекување нивниот број до крајот на следното лето да достигне од 80 до 90.
Од Општина Делчево беше посочено дека во спортско-рекреативниот центар во изминатата година се вложени приближно два милиона евра, средства обезбедени од општинскиот буџет, Владата, ресорните министерства, унгарските кредити и прекуграничната соработка со Благоевград.
Во делот на патната инфраструктура, премиерот Христијан Мицкоски најави дека од денеска треба да започне реконструкцијата на патниот правец од Делчево кон граничниот премин со Бугарија.
Посочи дека е завршена и тендерската постапка за санација на мостот на патниот правец кон Македонска Каменица и Кочани. Воедно, беше посочен и проектот за реконструкција на мостот на улицата „Индустриска“ во Делчево, вреден 560.000 евра, за кој е поднесено барање за воведување времен режим на сообраќај.
Меѓу позначајните регионални инфраструктурни проекти е и планираниот експресен пат Кочани – Виница – Делчево, со предвидена клучка кај Македонска Каменица. За трасата е избрана една од двете варијанти разгледувани на јавната расправа, а во тек се изработката на физибилити-студијата и студијата за животна средина. Проектот е претставен пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Според најавите на премиерот се очекува студиите да бидат завршени напролет, а поставувањето камен-темелник за експресниот пат е планирано за крајот на летото или почетокот на есента 2027 година.












