Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со претставници од Секторот за урбанизам и проектантите, посетиле повеќе населени места и локации во општината, каде што се започнува постапка за изработка на техничка документација за реализација на нови проекти.
Како што истакна Сарамандов, поголемиот дел од овие проекти се токму по барање на жителите.
Во наредниот период, проектантите ќе работат на изработка на потребната техничка документација за проектите: уредување на излетничката зона „Сифулајка“ со поставување урбана опрема, уредување на просторот покрај реката во Кованец со поставување урбана опрема за одмор и рекреација, изградба на урбан парк во Мрзенци, изградба на парк со детско катче и повеќе содржини во Давидово, целосна реконструкција на домовите и придружните простории во Миравци и во Ново Конско (Горничет), изградба на парк за миленичиња во близина на влезот во Гевгелија, нов градски плоштад во Гевгелија, изградба на нов фудбалски стадион, на секундарен влез и излез во градот преку улицата „Борис Кидрич“, на кеј на Вардар, на спортска сала, на фекален колектор во Негорци, со што ќе се реши проблемот со отпадните води во земјоделските површини, изработка на основен проект за изградба на улици во Блок 7.5, изградба на нов резервоар за вода во Негорци, како и изградба на улицата „Гоце Делчев“ во Богородица, со поврзување кон Стојаково.
Според Сарамандов, техничката документација за овие проекти ќе биде завршена во текот на 2027 година и дека за поголем дел од нив ќе бидат обезбедени финансиски средства за нивна реализација.
Напомни и дека паралелно се работи и на подготовка на техничка документација за други значајни проекти во општината. За дел од нив, проектирањето е веќе во завршна фаза.












