Белорускиот претседател Александар Лукашенко предупреди дека неговата земја би можела да го користи рускиот ракетен систем „Орешник“ способен да носи нуклеарно оружје доколку НАТО или Украина нападнат цели на територијата на Белорусија.
Тој реагираше на коментарите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во интервју за белорускиот опозициски медиум „Зеркало“ рече дека Русија и Белорусија прават „шоу“ околу распоредувањето на системот „Орешник“ во Белорусија и дека НАТО треба да го смета оружјето за легитимна цел, објави „Киев пост“.
„Тој (Лукашенко) не треба да си игра игри, бидејќи по овие чекори Русите ќе го донесат „Орешник“ на белоруска територија без дури и да се консултираат со Лукашенко“, рече Зеленски.
Лукашенко ја нарече изјавата „целосна бесмислица“ и рече дека Белорусија нема планови да започне напади врз соседните земји, но дека ќе се брани ако биде загрозена.
„Не велам дека утре ќе ги погодиме Вилнус, Варшава или Киев со овој „Орешник“. Не дај Боже. Тоа не е наша задача“, им рече Лукашенко на новинарите денес.
Тој рече дека „ако не сакате „Орешник“ да погоди, тогаш не ни се мешајте – ниту од Украина, ниту од Полска, ниту од Литванија, ниту од Латвија“.
Тој додаде дека Белорусија нема да „седи со скрстени раце“ ако објектите на нејзина територија се сметаат за легитимни цели.
„Имаме средства да ги достигнеме“, рече Лукашенко, советувајќи ги критичарите „да не брборат“.
„Ако го сметаат системот „Орешник“ за легитимна цел – слободно“, додаде тој.
Русија наводно ја распоредила новоразвиената ракета во Белорусија кон крајот на минатата година, а Лукашенко потврди дека системот е ставен на борбена должност.
Москва прво го откри оружјето откако го употреби во нападот врз украинскиот град Днепар на 21 ноември 2024 година.
Украинската служба за надворешно разузнавање соопшти дека Русија ја распоредила балистичката ракета со среден дострел Орешник во Белорусија како дел од пошироките напори за притисок врз европските земји.
Распоредувањето на системот во Белорусија, велат украинските власти, би го скратило времето на летот до некои европски престолнини и би можело да помогне во заштитата на ракетниот систем од потенцијални украински напади.
Западните аналитичари веруваат дека системот „Орешник“ би можел да биде модифицирана верзија на балистичката ракета со среден дострел RS-26 Рубеж од советската ера, со дострел од повеќе од 4.000 километри и можност за носење повеќе нуклеарни или конвенционални хиперсонични возила за повторно влегување.












