Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го посети селото Раниловиќ во општина Аранѓеловац, каде што разговараше со мештаните кои го пречекаа со аплауз и овации. За време на посетата, тој се обрати и до медиумите.
Меѓу другото, тој ги коментираше реакциите од Хрватска на хиперсоничните квазибалистички кинески ракети CM-400, видени на српските МиГ-ови, кои наводно имаат дострел до 400 километри и српските таблоиди ги нарекуваат „Загребчанки“.
Инаку, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ денес изјави дека го информирал генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за ракетите.
„Ни требаат мир и стабилност, во свет каде што повеќе не владее правдата, туку владее неизвесноста, честопати лудилото, непредвидливоста, сè што економијата не може да толерира и сè што одговорните не можат да поднесат. Важно е заедно да ја покажеме нашата посветеност и да испратиме порака дека сакаме да го зачуваме мирот и стабилноста. Ја зајакнавме нашата армија, толку многу хистерија се појави кога видоа само една од нашите ракети. Тие дури и не ги видоа другите. Пленковиќ не мора да го информира НАТО, јас ќе ги информирам затоа што сум горд на она што го заработија српските раце. Нема да го топам српското оружје, туку ја зајакнувам Србија. Не за да напаѓам некого, можете мирно да спиете. Немојте да мислите дека некој ќе ја освои Србија“, рече Вучиќ, пренесе „Индекс“.












