Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик денес се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.
Додик објави на мрежата „Икс“ дека соработката меѓу Република Српска (РС) и Русија, заснована на почит и заеднички интереси, продолжува да се зајакнува.
„Срдечна средба во Москва со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Република Српска ги цени пријателските односи и поддршката на Русија, како и меѓусебното разбирање, што го градиме со години. Продолжуваме да ја зајакнуваме соработката заснована на почит, стабилност и заеднички интереси“, напиша Додик.
Додик е дел од делегацијата на Република Српска што присуствуваше на свечената воена парада на Црвениот плоштад денес по повод Денот на победата над фашизмот, по што следеше прием и ручек што го организираше рускиот претседател Владимир Путин.
Во делегацијата на Република Српска се и претседателот на тој ентитет, Синиша Каран, и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.
Најавено е дека делегацијата на РС треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во текот на денот, пренесе „Бета“.












