понеделник, ноември 9, 2026
Дома БАЛКАН Бројот на жртви во експлозија во челичарница во Турција се искачи на...

Бројот на жртви во експлозија во челичарница во Турција се искачи на 10: Сè уште има заробени работници под урнатините/видео

0
Фото:принтскрин, видео „Икс“

Бројот на загинати во експлозија во челичарница во Измир се искачи на најмалку 10, а пријавени се и 15 повредени, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по работниците кои сè уште се заробени под урнатините.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган доби информации за несреќата од министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи и министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, кои отпатуваа во Измир.

Според „ТРТ Хабер“ (TRT Haber), во Измир пристигна и министерот за труд и социјална сигурност, Ведат Ишикхан; тој соопшти дека Институцијата за социјална сигурност назначила главен инспектор за истражување на околностите на инцидентот. Министерот за правда, Акин Ѓурлек, изјави дека е започната истрага и дека на случајот се ангажирани четворица обвинители од Јавното обвинителство во Менемен.

Турските власти изразија сочувство до семејствата на жртвите и посакаа брзо закрепнување на повредените, напоменувајќи дека спасувачките операции се во тек, а околностите околу несреќата се истражуваат. Експлозијата се случила денеска околу пладне во погон на компанијата „ХАБАШ“ (HABAŞ) во населбата Бозкој, предизвикувајќи пожар поради кој над фабриката се издигнал густ чад.

Противпожарните екипи во меѓувреме го изгаснаа пожарот, а на местото на настанот се испратени пожарникари, полиција, медицински персонал и спасувачки тимови. Според првичните информации, експлозијата се случила за време на процесот на леење стопен челик, кога надземна кранска дизалица се откачила и паднала во електрична лачна печка. Во соопштение од регионалните власти се наведува дека осум работници сè уште се заробени под урнатините, поради што спасувачките екипи продолжуваат со интензивна потрага. Повредените се пренесени во блиските болници, а едно лице со хеликоптер е префрлено во болница во градот Измир.

Компанијата „ХАБАШ“ соопшти дека несреќата се случила за време на планирани работи за одржување на една од електричните лачни печки, како и дека на повредените веднаш им била укажана помош и биле пренесени во болници.

ИЗДВОЕНИ