Претседател на Република Српска и бегалец од правосудството во Босна и Херцеговина Милирад Додик даде интервју за австрискиот магазин „Профил“ во кое зборува за неговиот однос со Западот, обвинувањата за национализам, забраната за влез во Австрија, српската дијаспора во таа земја, но и за можното апсење и наводните подготовки за војна.
На прашањето на новинарите како политичарот кој беше познат како противник на воените подбуцнувачи за време на војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите и кој злосторството во Сребреница го нарече геноцид, Додик сега се доживува како националист и шовинист, тој одговори:
„Мене ништо не ми се случи, вас ви се случи. Вие направивте од БиХ некој вид на Југославија, иако Југославија повеќе ја нема. Јас сега сум претседател на Република Српска. Ја застапувам РС, нејзините интереси и нејзиниот народ. Оваа земја не сака да биде дел од БиХ“, вели Додик.
Додик вели дека граѓаните често изразуваат желба да ја напуштат земјата: „Кого и да прашате овде на улица, сите велат: Ако има уште една војна, ќе ја наполнам колата и ќе одам во Германија“.
Сепак, тој тврди дека истите тие граѓани гласаат за него на изборите: „Би сакал никој никогаш повеќе да не доживее војна. Имам седум внуци“, вели тој за „Профил“.
Запрашан што ќе се случи ако некој се обиде да го уапси, Додик вели: „Тоа е хипотетичко прашање, а на 66 години не одговарам на такви прашања. Ако некој можеше да ме уапси – веќе ќе го направеше тоа. Република Српска е стабилен систем, а не група бунтовници. Бев избран. Имаме институции, сопствена полиција, служба за заштита на одредени лица – јас сум едно од тие лица“, вели Додик.