Иран му ги претстави условите за повторно отворање на Ормускиот теснец на специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф , објавија вечерва иранските медиуми.
Како што пренесува „Ројтерс“, овие услови вклучуваат итно укинување на поморската блокада, одмрзнување на иранските средства и прекин на непријателствата на сите фронтови на „Оската на отпорот“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи денеска се сретна со Виткоф на маргините на Генералното собрание на ОН, а за време на разговорите – според државните медиуми – САД биле запознаени со барањата на Техеран, пренесе „Танјуг“.
Теснецот Хормуз претставува клучен предизвик за Вашингтон. Според анализите, Техеран ја покажа својата способност да го блокира теснецот на подолг период, со што стекна значително влијание врз глобалното снабдување со нафта.
Истовремено, групите сојузници на Иран остануваат активни. Овој месец, Хутите во Јемен остварија територијални придобивки долж брегот на Црвеното Море, заземајќи го пристаништето Моха и стратешки острови, како што е Перим.
Ова им овозможи да го контролираат Баб ел-Мандеб, теснецот што го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив. И Техеран и Хутите со месеци предупредуваат дека оваа поморска рута би можела да биде затворена доколку САД ја продолжат војната.
Во меѓувреме, тензиите меѓу Хутите и Саудиска Арабија повторно ескалираа. Минатата недела, Ријад привремено го затвори нафтоводот „Исток-Запад“ по напад со беспилотно летало, за кој ги обвини милитантите од Ирак поддржани од Иран.












