Едно семејство беше казнето со 200 конвертибилни марки (приближно 100 евра) поради печење прасе на ражен во Ботаничката градина на Народниот музеј во Сараево.
Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево (МУП КС) издаде прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир против еден член на семејството, Ј.В., откако управата на Народниот музеј побара од надлежните органи да реагираат на инцидентот.
Министерот за полиција на Кантонот Сараево, Адмир Катица, изјави дека иако полициските службеници од Управата на полицијата во Сараево ги известиле сите релевантни инспекторати и други тела за случајот, тие се изјасниле дека не се надлежни за решавање на ова прашање.
„Не само како министер за внатрешни работи, туку и како човек и граѓанин на овој град, ги повикувам надлежните органи итно да го решат нерешениот статус на Народниот музеј и поврзаните правни спорови, да го заштитат овој национален споменик и да стават крај на срамот и понижувањето што им се нанесуваат на институцијата, градот и сите негови граѓани“, рече Катица, како што пренесоа сараевските медиуми.
Тој додаде дека полицијата секогаш ќе презема мерки во рамките на својата надлежност, истакнувајќи дека „овој проблем е многу посложен и време е сите засегнати страни да се вклучат“.
„Не смееме да дозволиме кршење на законот – ниту срамење на овој град и неговите граѓани – само затоа што некој одлучил да сврти глава или да ја избегне одговорноста“, заклучи Катица.
Инцидентот се случи во неделата, кога едно семејство печеше прасе на ражен во Ботаничката градина на Народниот музеј, каде што се чува богата жива колекција на растенија.
Според тековните податоци на Музејот, таму растат околу илјада различни растителни видови, пренесе „Бета“.












