Доделени наградите 13 Ноември

437

На свеченост што се одржа во Македонската филхармонија им беа врачени на добитниците наградите 13 Ноември, за придонес во развојот, севкупниот напредок и афирмација на градот Скопјe.

Од областа на науката добитник на наградата 13 Ноември е проф.д-р Драги Митревски – за посебен придонес во истражувачката научна и едукативна дејност поврзанa со Скопје, како и со меѓународна афирмација и популаризација на културното и историско наследство на Скопје, од областа на науката допбитници се Ана Мартиноска и Жарко Иванов за научната книга „Тажачките песни од скопскиот земјотрес во 1963 година (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“, која претставува особено значајно остварување во областа на науката и книжевноста со обемна архивско документаристичка вредност врзана за Скопје и скопскиот земјотрес како еден од клучните мигови од културната меморија на градот. Во областа на публицистиката, наградата му беше врачена на Реџеп Златку – за долгогодишни остварувања и севкупен значаен придонес во областа на публицистиката, новинарството и литературата во градот, Македонија и пошироко, додека од областа на образованието и воспитанието наградата ја доби Светлана Јосифоска – за континуирани долгогодишни постигнувања во наставните и воннаставните активности и афирмација на градот. Наградата 13 Ноември, во областа на културата ја доби, Toшо Филиповски  -за повеќе од триесетгодишна творечка и континуирана работна целина која ја покажува еволуцијата на македонската рок музика, како и на македонската култура, додека во областа на уметноста проф. Симон Шемов – за повеќегодишни континуирани достигнувања и придонеси во развојот и промовирањето на ликовната уметност.

Наградата од областа на здравствената заштита му беше врачена на проф.д-р Никола Јанкуловски – за долгогодишен придонес во унапредувањето на здравствената заштита, особено во хирургијата каде со воведувањето на иновации во техниките се остваруваат значајни напредоци и со својата посветеност придонесува во унапредувањето на клиничките и во академските практики, додека од областа на социјалната заштита, Стоматолошки факултет Скопје за посебен придонес во заштитата и унапредувањето на денталната медицина, особено во доменот на бесплатни стоматолошки услуги за децата од социјално-ранливи категории. Во областа на техничката култура, наградата им беше врачена на проф. Даме Димитровски-ментор на тим и Димитар Алжуровски-тим лидер, студент за историско достигнување на тим од млади студенти кои самостојно проектираа, дизајнираа, конструираа и изработија сопствен тркачки автомобил во стилот на Формула 1.