Италијанската тенисерка Лукреција Стефанини (27) откри дека добила закани пред квалификацискиот натпревар за Индијан Велс. Во порака на „Воцап“, непознато лице ѝ се заканило нејзе, а и на нејзиното семејство и ѝ испратило слика од пиштол, барајќи да загуби на натпреварот. Стефанини, која е рангирана на 138. место во светот, го пријавила инцидентот и јавно проговори за проблемот со кој се соочуваат тенисерките.

Инцидентот се случува по неколку недели откако шпанскиот тенисер Санчез Изкердо добил телефонски повик во текот на турнирот „Челинџер“ во Росарио, заканувајќи му се дека ќе киднапираат член на семејството и наредувајќи му да го предаде натпреварот.

Стефанини загуби во првото коло од квалификациите за Индијан Велс од младата Андорка Викторија Хименез Касинцева (6:4, 4:6, 4:6).

– Ми се заканија мене, а и на моето семејство – рече таа.

Неколку часа по натпреварот, италијанската тенисерка се обрати до јавноста, преку својот инстаграм-профил.

– Го снимам ова видео за да ви раскажам што ми се случи вчера. Околу еден часот по полноќ, добив порака на „Воцап“ во која ми се заканија ако победам на натпреварот. Ми се заканија мене, а и на моето семејство, ги споменаа моите родители и местото каде што сум родена, а ми испратија и слика од пиштол. Зборувам за ова затоа што мислам дека е погрешно да ме ставаат под таков притисок и непријатност пред натпревар и да ме тераат да се чувствувам небезбедно. Нема да дозволам да ме заплашат – рече тенисерката.

Стефанини веднаш ги презеде потребните чекори.

– Сè пријавив во ВTA, која ми обезбеди дополнителна заштита. Тие организираа да бидам транспортирана во автомобил, со придружба по натпреварот и беа многу внимателни, целиот турнир беше посветен на тоа да се чувствувам безбедно. И покрај сè, се борев до последниот момент, бидејќи не можам да си дозволам да бидам заплашена од такви работи. Тенисот е работа, но е и задоволство, поминување на времето и наша страст. Затоа не можам да верувам дека станал спортот цел на вакви закани. Ги пријавив пораките и ќе продолжам да го правам тоа ако продолжат да ми испраќаат – додаде таа.

Меѓународната тениска федерација, ВТА  и некои гренд слем турнири ја користат услугата „Threat Matrix“, алатка што ги следи профилите на играчите на социјалните мрежи за да ги заштити од закани и од навредливи пораки од навивачите и од обложувалниците. Сепак, овој случај покажува дека криминалците наоѓаат сè пософистицирани начини да дојдат до приватните телефонски броеви и директно да контактираат со спортистите.

Лукреција Стефанини е родена во Фиренца. Според официјалната веб-страница на ВTA, таа почнала да игра тенис на осумгодишна возраст. Нејзин тренер е Фердинандо Бонучели. Нејзиниот вкупен рекорд е 348 победи и 272 порази и таа нема освоено титула во поединечна конкуренција. Има заработено повеќе од еден милион евра од награден фонд, а нејзино највисоко рангирање е 99. место.

 

ИЗДВОЕНИ