петок, ноември 20, 2026
Дома БАЛКАН Комеморација за Кристијан Периш утре во Загреб: Семејството ги објави деталите и...

Комеморација за Кристијан Периш утре во Загреб: Семејството ги објави деталите и барање за проширување на истрагата: „Граѓаните се поканети да донесат перници“

0

Семејството на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш – кој почина додека бил физички совладан во Психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб – ја објави програмата за комеморацијата што ќе се одржи во сабота, 21 ноември, на плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“.

Оние што планираат да присуствуваат се поканети да донесат бели перници, кои носат посебно симболично значење поврзано со околностите на неговата смрт.

Собирот започнува во 18:30 часот кај фонтаната „Мандушевац“, под слоганот „Нема да нè задушите“. Комеморацијата, која е организирана од семејството Периш, е предвидено да заврши во 20:00 часот, пренесе „Танјуг“.

Според најавената програма, настанот ќе започне со воведни зборови, по што ќе следи обраќање на Михаела. Потоа ќе биде прикажан краток филм за важноста на дишењето, како и музички спот за песната „Лејла“.

За 18:51 часот се предвидени минута молчење и молитва, по што пред присутните ќе се обрати пејачот Марко Кутлиќ. По завршните зборови, ќе биде прикажано видео со фотографии и сцени од животот на Кристијан.

Официјалниот дел од комеморацијата се очекува да заврши околу 19:12 часот, но мирниот собир ќе продолжи сè до 20:00 часот.

Бели перници како симбол на комеморацијата
Семејството ги замоли граѓаните да донесат бели перници на собирот, објаснувајќи дека тие симболизираат нежност и грижа за болните. „Перницата е симбол на мекост: таа се става под главата на пациентот, а не врз неговото лице“, изјавија членовите на семејството.

За оние што не се во можност да дојдат во Загреб, обезбеден е начин за давање поддршка од далечина. Тие се поканети да закачат бела навлака за перница на прозорец, балкон или јаже за сушење алишта, да ја фотографираат и да ја објават на социјалните мрежи со ознаката #necetenasugusiti. Што се однесува до комеморацијата, беа избрани зборовите на Кристијан, изречени во април оваа година, за време на гостување во емисијата „Нова визура“ (Nova Vizura) на Универзитетот во Загреб:

„Ако можеш, мораш – за оние што не можат.“

Семејството бара пет промени
Заедно со најавата за комеморацијата, семејството Периш изнесе пет барања со цел да се спречат слични трагедии во иднина.

Првото се однесува на измени во Законот за заштита на лица со ментални потешкотии и прописите што ја уредуваат примената на мерки на присилба. Семејството бара експлицитна забрана за покривање на лицето на пациентот, како и за постапки што можат да го отежнат или оневозможат дишењето.

Исто така, бараат при секоја физичка фиксација (ограничување на движењето) задолжително да се користи видеонадзор, а снимките да се чуваат најмалку шест месеци.

Барањата вклучуваат испрашување на сите вработени кои биле во контакт со Кристијан, како и на поединци кои – според семејството – ширеле лажни информации за инцидентот по неговата смрт.

Тие бараат Хрватскиот завод за здравствено осигурување и Хрватската лекарска комора да ги проверат боледувањата што ги зеле вработените во болницата по смртта на Кристијан.

Петтото барање се однесува на преименување на Психијатриската болница „Свети Иван“ во Психијатриска болница „Кристијан Јосип Периш“.

Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство.
Кристијан Јосип Периш почина на 21 октомври во Психијатриската болница „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир, каде што отишол да побара помош.

Уапсени се четворица медицински техничари под сомнение за тешко убиство и им е одреден истражен затвор. Истрагата за околностите на неговата смрт сè уште трае.

Протекоа детали од сослушувањето: Како се бранеа осомничените за смртта на Јосип Периш? Откако случајот стана јавен, директорката на болницата, Мајда Грах, поднесе неотповиклива оставка, а осомничените медицински техничари добија вонредни откази.

Периш беше спортист, кинезиолог и тренер по соборување рака, вклучително и пара-соборување рака. Работеше со деца и лица со попреченост, а семејството истакнува дека тој се залагаше спортот да биде достапен за сите.

Членовите на семејството нагласуваат дека комеморацијата е исклучиво нивна иницијатива и не е поврзана со други протести или собири организирани по повод случајот со Кристијано.

 

ИЗДВОЕНИ