Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, испиша историја во македонскиот тенис. Таа е првата Македонка која обезбеди учество на главниот турнир на гренд слем турнирот Вимблдон.

Во финалното коло од квалификациите, Ѓорческа убедливо ја совлада Италијанката Лусија Бронцети со 2:0 во сетови (6:1, 6:2), по само 73 минути игра. До историскиот успех, македонската тенисерка стигна со три победи во квалификациите. Претходно ги елиминираше Шпанката Анхела Фита Болуда и Португалката Франциска Жорге, а во решавачкиот меч беше подобра и од Бронцети, која беше 20. носителка во квалификацискиот турнир и се наоѓаше дури 96 места погоре од Ѓорческа на ВТА-листата.

По големиот успех Лина Ѓорческа не го криеше задоволството и даде емотивна изјава за телевизијата на Вимблдон.

Горда и среќна сум за сите овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и горда сум што сум единствената во историјата, и во машка и во женска конкуренција, која се избори за место на главниот турнир. Ова за мене е остварување на сонот“, изјави Ѓорческа.

Таа зборуваше и за предизвиците со кои се соочуваат спортистите од Македонија, истакнувајќи дека патот до врвот е многу потежок поради ограничените услови за работа.

Тоа што доаѓам од мала земја не е лесно, околу комплетната логистика, тренинзите, условите, секако и парите. Но, кога си тука даваш 100% за да успееш, па на крајот сето тоа носи резултат. Можеби доаѓам од мала земја, но секако имаме огромно спортско срце“, порача македонската тенисерка.

Кога сме кај парите, самото учество на главниот турнир на најпознатиот светски тениски турнир на Ѓорческа ѝ донесе загарантирани 80.000 британски фунти, односно околу 100.000 американски долари. Доколку успее да ја мине првата рунда, нејзината заработка ќе се зголеми на 126.000 фунти, што претставува дополнителен финансиски поттик за македонската тенисерка.

Вимблдон, годинава располага со рекорден награден фонд од 64,2 милиони фунти (84,5 милиони американски долари), што е за 20 проценти повеќе во однос на минатата година. Победниците во машка и женска конкуренција ќе добијат по 3,6 милиони фунти, што исто така е зголемување од 20 проценти во споредба со претходното издание. Главниот турнир почнува на 29 јуни, а титулите ги бранат Италијанецот Јаник Синер во машка и Полјачката Ига Швјонтек во женска конкуренција

ИЗДВОЕНИ