Бендот настапи во својата стандардна, добро позната постава: Сајмон Ле Бон – вокал, Ник Роудс на клавијатури, Џон Тејлор на бас и Роџер Тејлор на тапани, демонстрирајќи врвен професионализам, кој се гради со децении на светските сцени. Во текот на едно и полчасовната чиста забава, надополнета со импресивни визуелни ефекти и со моќно осветлување, британските икони покажаа дека годините, за нив, се само бројка

Култниот бенд „Дјуран Дјуран“ синоќа во салата „Борис Трајковски“, во рамките на својата актуелна европска турнеја, приреди концерт за паметење, кој за момент го врати Скопје во златната ера на поп-рок музиката. Салата во најголем дел беше исполнета со публика некаде во и над петтата деценија од животот, некогашните тинејџери што растеа, созреваа и се вљубуваа со безвремените хитови на овој бенд. Енергијата во просторот беше вистински доказ дека добрите песни немаат рок на траење.

Хитовите „Is there something i should know“, „Reach Up for The Sunrise“, „Notorious“, „Hungry Like the Wolf“, „Girls on Film“, „Come Undone“, „The Reflex“, „A View to a Kill“, „The Wild Boys“… ја кренаа цела сала на нозе.

Еден од најпознатите светски бендови и еден од најуспешните од њу романтик сцената, настапи во својата стандардна, добро позната постава: Сајмон Ле Бон – вокал, Ник Роудс на клавијатури, Џон Тејлор на бас и Роџер Тејлор на тапани, демонстрирајќи врвен професионализам, кој се гради со децении на светските сцени. Во текот на едно и полчасовната чиста забава, надополнета со импресивни визуелни ефекти и со моќно осветлување, британските икони покажаа дека годините, за нив, се само бројка.

Имено, Сајмон Ле Бон и натаму звучи неверојатно свежо, менаџирајќи го својот препознатлив вокал со неверојатна леснотија. Џон Тејлор буквално одушеви со своите бас- делници, кои го диктираа пулсот во салата, додека Роџер Тејлор безгрешно ја надополнуваше ритам-секцијата, држејќи го темпото на највисоко ниво. Ник Роудс со своите клавијатури и натаму го дава оној специфичен, магичен отпечаток на автентичниот звук и естетика на „Дјуран Дјуран“.

На концертот, бендот ѝ испрати на расположената и разиграна публика и пораки за мир, среќа, слобода…

– Мислам дека треба да одвоиме момент за да помислиме на луѓето во светот што немаат толку среќа како нас. Луѓе што ги поминуваат своите денови во борба, во борба за слобода, во борба за мир, во борба за среќа. Луѓе што се борат за своите животи. Луѓе што сè што сакаат е да ги живеат своите животи во среќа и мир во сопствената земја. Затоа вечерва ќе ја изведеме оваа песна за сите вас таму. Ова е Ordinary World – со оваа порака, фронтменот Сајмон Ле Бон ја најави познатата песна.

По регуларниот дел, бендот се врати на заслужен бис. Кулминацијата и емотивниот финиш на концертот беа заокружени со ѕвездено небо и со хорско пеење од страна на публиката и бендот на култната „Save a Prayer“, по што следуваше експлозивната „Rio“, која стави совршен печат на оваа пријатна јулска скопска ноќ.

Сепак, и покрај беспрекорната изведба на музичарите, повторно дојде до израз стариот проблем – салата „Борис Трајковски“ едноставно не одговара на акустичните предизвици што ги носи еден ваков голем светски бенд. Веќе станува излишно и заморно да се повторува, но вчерашната вечер беше уште еден силен аларм дека на Скопје итно му е потребна вистинска, наменска концертна сала за вакви крупни музички настани. (Н. И. Т.) Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ