Европската Унија со донацијата на воена опрема уште еднаш ја потврди довербата во професионалноста и посветеноста на македонската Армија, изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи да инвестира во одбранбениот сектор и да ги исполнува сите обврски што произлегуваат од членството во НАТО.
На примопредавањето на донацијата од Европската Унија за Армијата, Мицкоски им се заблагодари на ЕУ и на евроамбасадорот за поддршката, како и на Министерството за одбрана, Генералштабот и припадниците на Армијата за нивната професионална и посветена работа.

„Европската Унија препознава квалитет и посветеност во македонската Армија како рамноправен дел од НАТО Алијансата. Благодарност до Министерството за одбрана, Генералштабот, старешините и особено до војниците кои беспрекорно ја извршија денешната вежба“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека Владата останува цврсто посветена на исполнување на сите стандарди и обврски што ги има земјата како членка на НАТО.
Премиерот потсети дека при неодамнешната посета на врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа, генерал Алексус Гринкевич, Македонија добила високи оценки за инфраструктурните проекти и за вложувањата во одбраната, кои, според него, претставуваат пример и за други земји-членки на Алијансата.

Мицкоски нагласи дека државата во моментов издвојува околу четири проценти од бруто-домашниот производ за одбраната, средства кои се насочени кон модернизација на Армијата и подобрување на нејзините капацитети.
„Одржувањето на ова ниво на инвестиции ќе биде предизвик, особено со растот на бруто-домашниот производ, но наш приоритет останува континуираното вложување во македонската Армија и нејзиното понатамошно јакнење“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека Армијата денес е професионална, подготвена и конкурентна, што, како што посочи, било потврдено и со успешно реализираната воена вежба, а донацијата од Европската Унија претставува дополнителна поддршка за нејзината модернизација и развој.












