Од полноќ стапуваат во сила новите цени на горивата. Дизелот поскапува за 1 денар по литар, додека бензините поевтинуваат за 2 денари.
Според најновата одлука, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ ќе се продава по цена од 99,5 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 91 денар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 93 денари по литар.
Во одлуката е применет намален износ на акцизата од 2 денари по литар за бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и намалена акциза од 4 денари по литар за ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V).
Со новото поскапување, дизелот ја достигнува највисоката цена во последните три и пол години. Последен пат повисока цена беше регистрирана на почетокот на ноември 2022 година, додека историскиот максимум беше достигнат пред четири години, кога литар дизел се продаваше за 111 денари. Во истиот период и бензините ја достигнаа рекордната цена од 110 денари за литар.
Во меѓувреме, на светските берзи цената на суровата нафта од типот Брент бележи пад. Во моментов се тргува по цена нешто под 85 долари за барел, што е значително пониско во споредба со минатата недела, кога цената надминуваше 93 долари за барел.
Владата најави дека во текот на неделава ќе направи нова анализа на состојбите на нафтениот пазар, по што ќе биде донесена одлука дали ќе бидат воведени дополнителни мерки за ублажување на ценовниот притисок врз горивата.












