Русите секако мора да се задоволни од исходот на последната рунда преговори за Украина, одржана во Абу Даби со посредство на Соединетите Држави, пишува „Политико“. Во Обединетите Арапски Емирати, пратениците на Доналд Трамп го поддржаа долгогодишното барање на Кремљ сите прашања да бидат предмет на преговори истовремено, како дел од еден единствен, сеопфатен договор.
По ова, американскиот претседател навести можност за постигнување „многу голем“ договор што би ја опфатил цела Европа.
Амбициозната цел – за која се чини дека Вашингтон и Москва сега постигнале согласност – е да се разговара за сите прашања одеднаш, а потоа „да се најде начин тие истовремено да се решат“, објасни Џаред Кушнер пред новинарите на прес-конференција по завршувањето на разговорите во главниот град на ОАЕ.
Кушнер, зетот на Трамп, ги претставуваше Соединетите Држави во преговорите заедно со Стив Виткоф, инвеститор во недвижнини и специјален пратеник на Трамп за Блискиот Исток. Толку од постепениот пристап кон решавање на прашањата – стратегија која искусните дипломатски преговарачи генерално ја сметаат за клучна за успехот на какви било мировни преговори.
И толку од започнувањето на преговорите со прекин на огнот, или од макотрпниот процес на разложување на сложените прашања на помали, јасно дефинирани и полесно решливи задачи – метод што се користи за надминување на застојот, а истовремено за градење доверба и заемна почит, забележува „Политико“.
Секако, Русија и Соединетите Држави нема да можат сами да постигнат договор. Украина ќе има свој збор, а европските лидери веќе изразија противење на големиот, амбициозен договор на Трамп, отфрлајќи го секој обид на Белата куќа и Кремљ да ја прекројат безбедносната архитектура на европскиот континент.
Сепак, долгорочна цел на Кремљ е да ги убеди Соединетите Држави да усвојат пристап според кој „сè е на маса“ – стратегија која, според Јуџин Румер, би можела ефективно да го „одвлече вниманието од она што е вистински суштинскиот проблем: војната во Украина“.
Румер, кој беше дел од Националниот разузнавачки совет на САД за време на администрацијата на претседателот Барак Обама, им изјави на новинарите за време на еден брифинг дека отсуството на пристап за решавање на прашањата чекор-по-чекор е многу значајно, тоа е белег на руската дипломатија, чија цел е „да внесе забуна во секоја ситуација“.
Тешко е да се оспори неговиот песимизам, забележува медиумот со седиште во Брисел. Рускиот претседател Владимир Путин има долгогодишна пракса на користење мировни преговори за одложување на одлуките, замаглување на суштинските проблеми и исцрпување на противниците – притоа продолжувајќи да ги остварува сопствените цели – постојано инсистирајќи дека сите прашања се меѓусебно поврзани и мора да се решаваат истовремено.
Обидот да се реши сè одеднаш, всушност, значи дека ништо не се решава. Но, токму тоа е поентата.
„Очигледно е дека Путин едноставно купува време, обидувајќи се да ја уништи или заземе Украина – со други зборови, да победи во оваа војна преку војна на исцрпување – додека чека да престане европската помош и Европа да се подели“, изјави за „Политико“ Микола Књажицки, опозициски пратеник во украинскиот парламент.
Пристапот „да преговараме за сè одеднаш“ е клучна компонента на стратегијата што Владимир Путин и неговиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, постојано ја применуваат во однос на Украина, а претходно и во случајот со Сирија. Валериј Залужни, поранешниот главнокомандувачки на вооружените сили на Украина – кој сега е амбасадор на својата земја во Лондон – предупреди дека целта на ваквиот пристап е да се исцрпат и ослабат противниците, истакнувајќи дека станува збор за класична тактика што датира уште од советската ера.
„Путин сака империја, Украинците сакаат слобода. Сè друго се само детали“, изјави за „Политико“ Курт Волкер – поранешен американски амбасадор кој служеше како специјален претставник за преговорите за Украина за време на првиот мандат на Трамп.
Претпоставките дека Путин сака мир, дека има намера да преговара со добра волја или дека би прифатил разумен договор се „целосно погрешни“, додаде Волкер. Во контекст на војна, преговорите можат да се користат како оружје – за одвлекување на вниманието, добивање во време, овозможување прегрупирање или вовлекување на добронамерни учесници во бескрајни дипломатски процеси. Ова беше особено очигледно во периодот помеѓу 2014 и 2017 година, кога рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и тогашниот државен секретар на САД, Џон Кери, „преговараа“ во врска со Сирија.
Тие преговори ѝ помогнаа на Москва да го спаси сирискиот претседател Башар ал-Асад од пораз, убедувајќи го тогашниот претседател Барак Обама да се откаже од воена интервенција и да ја занемари сопствената „црвена линија“ во однос на употребата на хемиско оружје во Дамаск. Единствениот друг високорангиран соработник на Кремљ, кој е исто толку упорен како Лавров во оваа техника на исцрпувачко замаглување на фактите, е Владимир Медински – „историчарот“ кој ужива посебна наклонетост кај Путин – а кој служеше како министер за култура од 2012 до 2020 година, промовирајќи цврсто патриотска и националистичка агенда.
Медински се залагаше за подигнување споменици на Јосиф Сталин, а исто така ја предводеше руската делегација во преговорите со Украина, почнувајќи од разговорите во Истанбул. Во таа прилика, тој се повика на Големата северна војна (1700–1721), предупредувајќи дека Русија е подготвена да се бори против Украина онолку долго колку што е потребно за да се постигне победа.
Медински, исто така, ја предводеше руската делегација за време на преговорите во Абу Даби.
Всушност, „црвените линии“ на Москва не се поместиле ниту за јота во годините откако Путин ја започна својата целосна инвазија врз Украина. Со години, рускиот лидер и неговите најблиски соработници јасно ги изнесуваат своите барања – услови кои, во суштина, би довеле до целосно растурање на украинската држава.
Москва бара гаранции дека Киев никогаш нема да се приклучи кон НАТО, дека Украина ќе остане геополитички неутрална и дека ќе ѝ биде одземена можноста самостојно да ја одредува сопствената судбина. Понатаму, таа инсистира на строги ограничувања во однос на количината на оружје што Украина може да го поседува, како и во однос на големината на нејзините вооружени сили. Дополнително, Русија сака Крим и четири источни украински региони – кои таа ги смета за дел од Руската Федерација – меѓународно да бидат признаени како руска територија. А дотогаш – како што се пофали Медински – Русија ќе продолжи да води војна.












