Кошаркарскиот клуб Панатинаикос ја доживува една од најразочарувачките сезони во поновата клупска историја, без разлика како ќе заврши домашното првенство.
Грчкиот великан имаше огромни амбиции оваа сезона, особено поради фактот што доби организација на завршниот турнир во Евролигата во својата арена „ОАКА“. Сепак, сонот за европска круна се претвори во вистински кошмар.
Панатинаикос беше елиминиран во четвртфиналето од Валенсија, иако имаше убедлива предност од 2-0 во серијата, остварена на гостински терен. Тимот имаше и две меч топки пред своите навивачи, но не успеа да ја заврши работата.
Елиминацијата предизвика вистински шок кај навивачите и грчката спортска јавност. Особено затоа што клубот оваа сезона вложи огромни финансиски средства во составот.
Медиумите во Грција постојано нагласуваат дека ова е најскапиот тим во историјата на седумкратниот европски шампион. По неуспехот, под силен притисок се најде тренерот Ергин Атаман.
Турскиот стратег, кој пристигна како големо засилување и човек што требаше да го врати Панатинаикос на европскиот врв, сега се соочува со сериозни критики. Во изјава за медиумите, Атаман порача дека неговата иднина зависи исклучиво од довербата на сопственикот. Тој истакна дека во клубот дошол благодарение на поддршката од Димитрис Јанакопулос.
- Ако Јанакопулос престане да ми верува, тогаш сам ќе си заминам, изјави Атаман.
И покрај европскиот дебакл, искусниот тренер смета дека сезоната сè уште може да биде спасена. Тој верува дека Панатинаикос има квалитет да ја освои титулата во домашното првенство.
Атаман нагласи дека тимот мора да оди чекор по чекор и психолошки да се опорави од големиот удар. Според него, играчите имаат доволно карактер и искуство за да се изборат со притисокот.
Сепак, задачата нема да биде нималку лесна. Најголемиот ривал Олимпијакос ќе има предност на домашен терен во плејофот.
Дополнително, Олимпијакос ќе има историска можност да се бори за титулата европски шампион токму во арената ОАКА, што дополнително ја зголемува тензијата во Атина.











