вторник, август 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ ПО НОВИОТ ПРЕДЛОГ, ЗАКОНОТ НИКАКО ДА СЕ ДОНЕСЕ: Претседателката помилува,...

ДЕВЕТ МЕСЕЦИ ПО НОВИОТ ПРЕДЛОГ, ЗАКОНОТ НИКАКО ДА СЕ ДОНЕСЕ: Претседателката помилува, новите правила на чекање

Неколкуте новини околу помилувањето на осудените лица, иако се предложени во декември минатата година, уште чекаат во фиоките на Министерството за правда за да се постигне согласност

1

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неодамна, за 2 Август – Илинден, помилува 25 осудени лица, но и годинава се направи тоа врз законски одредби дефинирани уште во 1993 година. Новите законски решенија за помилување на осудените лица, иако се предложени во декември минатата година, уште чекаат во фиоките на Министерството за правда за да се постигне согласност околу новините што треба да ги донесат. Во февруари имаше и јавна дебата околу понудените решенија, но и таа не ги изедначи ставовите.

– Целта на новиот закон за помилување е надминување на слабостите во примената на постојниот закон и воспоставување јасна, прецизна и транспарентна постапка. Со законот се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилување, лицата овластени да поднесат молба, како и постапката и надлежностите на институциите. Клучни новини се ставот дека претседателот може да помилува исклучиво од изречена казна, а не и од кривично гонење (аболиција). Се предвидуваат кратки и јасни рокови за постапување на сите институции вклучени во процесот. Министерството за правда доставува извештај до претседателот без да дава конкретен предлог за помилување – соопшти Министерството за правда при објавувањето на предлогот на новото законско решение пред девет месеци.

Според сознанијата, во Министерството за правда сè уште трае усогласувањето на коментарите по предложените новини, по што ќе биде доставено законското решение до Владата, на натамошна процедура.

Февруарска јавна дебата на скопскиот Правен факултет на УКИМ, на која учествуваше и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, покажа дека најголемите дилеми се околу тоа дали само таа и нејзината Комисија за помилување треба да бидат исклучиво надлежни за одлуката за помилување на осудениците што ќе го побараат тоа. За разлика од сè уште важечкото решение, Министерството за правда во иднина би доставувало до шефот на државата само извештаи за лицата што бараат помилување без да даде конкретен предлог дали треба да се прифати молбата за помилување на одредени затвореници или не. Сиљановска-Давкова, на тогашна дебата, кажа дека новопредвиденото законско решение предвидува претседателската Комисија да се става во улога на истражител.

– Мојата дилема се однесува на досегашната и на идната улога на Министерството за правда. Во досегашниот Закон, Министерството за правда има улога и пропишана постапка. Во случајот, добиваме предлог од Министерството за правда, а сега, ако добро го читам текстот, веќе нема да има таква обврска. Дали е тоа бегање од одговорност? Мислам дека е подобро да добиеме мислење и од Министерството за правда. Членовите на Комисијата не можат да имаат истражни надлежности, да се јавуваат по агенции, не оди тоа, тоа е упад. Концептот со Министерството за правда, со затворите е пологичен отколку со Комисијата – рече тогаш претседателката, додавајќи дека во досегашната работа редовно ги прифаќала одлуките на својата Комисија.

И другите експерти укажаа дека Комисијата за помилување во рамките на претседателскиот кабинет не може да се става во улога на истражител за одредени баратели на помилување. Инаку, се дава целосна поддршка за новото решение според кое може да се даде помилување само по правосилна судска пресуда, односно да не може да се даде аболиција во текот на постапката. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ