Денеска се навршуваат точно 10 години од катастрофалната поплава што на 6 август 2016 година ја погоди Општина Гази Баба и однесе човечки животи, оставајќи зад себе неизмерна болка, уништени домови и семејства што засекогаш останаа без своите најмили.
– Денес, со длабока почит и пиетет се поклонуваме пред споменот на сите оние што трагично ги загубија своите животи. Нивниот спомен ќе остане вечен, а нивната судбина засекогаш ќе нè потсетува колку е непроценлива вредноста на човечкиот живот – потсетуваат од Општина Гази Баба.
Оттаму додаваат дека во моментите на сеќавање, изразуваат искрена благодарност до сите што покажале несебична хуманост и солидарност во тие тешки денови.
– Благодарност до спасувачките служби, припадниците на Армијата, Министерството за внатрешни работи, пожарникарите, Црвениот крст, здравствените работници, институциите, доброволците, хуманите граѓани и сите што без двоумење подадоа рака кога беше најпотребно – нагласуваат од Општина Гази Баба.
Според општинските власти, трагедијата од 2016 година покажала дека и во најтешките мигови нашите граѓани знаат да бидат едно.
– Таа солидарност, човечноста и меѓусебната поддршка остануваат најголемата сила на нашата заедница. Наша должност е да паметиме, но и да учиме од минатото. Да продолжиме да вложуваме во превенцијата, безбедноста и во инфраструктурата, со цел никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија и да изградиме уште посигурна и поотпорна општина за идните генерации – наведуваат од локалната самоуправа.
– Нека им е вечен споменот на загинатите! Никогаш да не се повтори – порачаа од Општина Гази Баба.
По повод одбележувањето на 10-годишнината од катастрофалните поплави во 2016 година, утре Општина Гази Баба ќе одржи комеморативен настан. На овој настан ќе им биде оддадена почит на загинатите, а воедно тој ќе биде потсетување на трагедијата што ја погоди оваа општина. Ќе биде испратена и порака дека споменот, солидарноста и одговорноста се наша трајна обврска.
На 6 август 2016 година, Македонија ја погоди силно невреме проследено со обилни врнежи, грмежи и силен ветер.
Наврнаа 93 литри дожд на квадратен метар за 24 часа, а во првите два часа од невремето беа регистрирани повеќе од 800 молњи и громови.
Во ова невреме најмногу настрадаа: Црешево, Стајковци, Смилковци, Сингелиќ, Економија, Инџиково, долниот дел од Арачиново и дел од Илинден.
Најголемото невреме што го погоди Скопје на 6 август 2016 година донесе трагедија и големи последици, но остави и приказни за човечност и храброст. Една од нив е приказната за Веле Богатиновски, човекот што стоел на скопската обиколница во текот на силниот дожд и ги предупредувал возачите да не продолжуваат по опасниот пат.
Граѓаните што се движеле кон Скопје сведочеле дека тој ги запирал автомобилите и ги пренасочувал кон побезбедните патишта, со што, според нив, помогнал да се спасат многу животи.
Според официјалните податоци, во Скопскиот Регион животот го загубија 22 лица, најголем дел од нив возрасни граѓани, меѓу кои и болни и изнемоштени лица. Најмладата жртва беше двегодишно дете. Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.
На скопските клиники беа примени 22 повредени лица, а во текот на ноќта по невремето, беа евакуирани повеќе од 1.000 граѓани. Голем број жители останаа без дом, а поплавите предизвикаа сериозно оштетување на инфраструктурата и на имотите.
По невремето, граѓаните се организираа преку социјалните мрежи и формираа пунктови за собирање и дистрибуција на помош за погодените семејства. Владата прогласи кризна состојба во Скопскиот и во Тетовскиот Регион во траење од 15 дена, а 8 август 2016 година беше прогласен за Ден на жалост на целата територија на државата.
Неколку дена по поплавите, почнаа активности за расчистување и дезинфекција на домовите погодени од водата.
Скопскиот Регион и денес го памети 6 август 2016 година како еден од најтешките денови во поновата историја, кога за само неколку часа силното невреме остави трајни последици кај илјадници граѓани.
(А. П.)












