Проектот има цел да придонесе за ублажување на негативните социоекономски последици од повеќекратните кризи врз ранливите категории граѓани, како и да го подобри нивниот пристап до здравствените, социјалните услуги и услугите за грижа, истовремено поттикнувајќи поголема социјална и економска вклученост. Насочен е кон 245 лица без дом или лица изложени на ризик од бездомништво, на кои им се обезбедуваат различни форми на поддршка.
– Активностите се спроведуваат преку пунктот за бездомни лица во Момин Поток во Скопје, кој на почеток од 2025 година успешно се лиценцираше и ги доби потребните решение и дозвола за работа на други даватели на социјални услуги од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Преку пунктот, корисниците добиваат интегрирана социјална, здравствена и психосоцијална поддршка – истакна Александра Валкановска, стручен соработник во Црвениот крст

Црвениот крст успешно ги реализира планираните активности во рамките на проектот „SHAPE – зајакнување на здравјето, пристапот, учеството и на социјалната еднаквост во земјите од Западен Балкан“, кој се спроведува во периодот од 1 октомври 2024 до 30 септември 2026 година.
Проектот има цел да придонесе за ублажување на негативните социоекономски последици од повеќекратните кризи врз ранливите категории граѓани, како и да го подобри нивниот пристап до здравствените, социјалните услуги и услугите за грижа, истовремено поттикнувајќи поголема социјална и економска вклученост.
Насочен е кон 245 лица без дом или лица изложени на ризик од бездомништво, на кои им се обезбедуваат различни форми на поддршка.
– Активностите се спроведуваат преку Пунктот за бездомни лица во Момин Поток во Скопје, кој на почеток од 2025 година успешно се лиценцираше и ги доби потребните решение и дозвола за работа на други даватели на социјални услуги од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Преку пунктот, корисниците добиваат интегрирана социјална, здравствена и психосоцијална поддршка – истакна Александра Валкановска, стручен соработник во Црвениот крст.
Таа додаде дека дополнително била овозможена шестмесечна практична настава за 25-мина волонтери и студенти од Филозофскиот факултет во Скопје, кои преку директна работа со корисниците стекнале практични знаења и искуства. Тие поминале обука за културни медијатори за бездомни лица.

За да се зајакнат личните и професионалните капацитети на корисниците, била реализирана и обука за развој на т.н. меки вештини за 17 лица без дом. Преку индивидуална поддршка и едукативни активности, учесниците ги унапредиле своите комуникациски, организациски и социјални вештини, што, како што истакна Валкановска, придонесува за нивна полесна реинтеграција во заедницата и за зголемување на можностите за економска независност.
Во насока на спречување на бездомништвото, во рамките на проектот била обезбедена поддршка за десет семејства и лица што живеат во сиромаштија, со тоа што биле адаптирани и подобрени условите за живеење во нивните домови. Притоа, комплетно биле реновирани 10 живеалишта.
– Тоа значеше нивно средување и поставување на сите основни елементи во домот (промена на покривот и покривната конструкција, поставување под, обезбедување санитарии, промена на вратите и прозорците и сл.). Со оваа интервенција беа подобрени условите за живот на околу 40 лица, со што се намали ризикот од губење на нивниот дом – истакна Валкановска.
Таа наведе дека во рамките на проектните активности била реализирана и тридневна студиска посета на Австрија, на која учествувале осуммина вработени од Дневниот центар за бездомни лица и лица од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Во текот на посетата, тие се запознале со австрискиот систем на социјална заштита, добрите практики и со современите модели на работа со лицата без дом и лицата изложени на ризик од бездомништво.
– Акцентот беше ставен на унапредување на здравјето на корисниците. Во текот на проектот, 160 лица без дом добиваа континуирани здравствени совети, медикаменти и терапија за хронично болните, превентивни медицински прегледи и едукативна поддршка во Дневниот центар „Момин Поток“. Дополнително, беа организирани десет работилници за промоција на здравјето, посветени на превенцијата на заболувањата, здравите животни навики и грижата за сопственото здравје – објасни Валкановска.
Во насока на промоција на здравјето на жените, биле реализирани 10 едукативни сесии за 30 бездомни жени и девојки. Работилниците опфатиле теми поврзани со репродуктивното здравје, гинеколошките заболувања, планирањето семејство, контрацепцијата, менструалното здравје и хигиена, како и подигањето на свеста за родово базираното насилство.
За дополнително подобрување на квалитетот на услугите, била спроведена процена на психосоцијалните и ментално-здравствените потреби на лицата без дом.
Како што наведе Валкановска, овој проект им посветува внимание и на децата што живеат во сиромаштија.
– Во рамките на активностите, 40 деца на возраст од 5 до 18 години добиваат образовна поддршка, помош при учење и менторство од стручен едукатор и од волонтери на Црвениот крст на Град Скопје. Целта е да се подобрат нивните образовни резултати, да се намали ризикот од напуштање на образованието и да се создадат подобри можности за нивниот понатамошен личен и професионален развој.Првпат во рамките на пунктот организираме и едукативни активности – ексурзии, во чии рамки се посетуваат цркви, манастири, културно-историски споменици итн. – наведе Валкановска, потенцирајќи дека преку реализацијата на овие активности, проектот SHAPE придонесува за подобрување на квалитетот на живот на лицата без дом, лицата изложени на ризик од бездомништво и на другите ранливи категории граѓани, поттикнувајќи нивна поголема социјална вклученост, подобар пристап до услугите и достоинствен живот.
Проектот е финансиран од австриското федерално Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите и од австрискиот Црвен крст.
(А. П.)












