понеделник, август 17, 2026
Дома СКОПСКА Десет дена исполнети со многу музика, изложби, кино на отворено…

Десет дена исполнети со многу музика, изложби, кино на отворено…

80

Богата програма на годинашното „Карпошово културно лето“, кое ќе се случува од 10 до 30 август 2026 година, најави денеска градоначалникот Сотир Лукровски.

„Карпошовото лето“ почнува со изложба на плакати од театарски претстави на Горан Стефановски, која ќе биде отворена на 20 август, во 11:00 часот, во холот на Општината. Во личната колекција на Горан Стефановски се пронајдени 25 плакати од различни претстави, одиграни во и надвор од нашата земја. Тие сега претставуваат една мала слика на разновидноста на неговите текстови, нивниот богат уметнички живот и далекосежниот ефект на неговиот опус. Потоа, во 19:00 часот, во „Сити мол“ ќе биде поставена и патувачката изложба „ReART“. Патувачката изложба ќе биде на неколку локации во Карпош („Сити мол“, платото кај Млечен, како и во холот во општинската зграда). Проектот се реализира во соработка со „Нула отпад“.

Свеченото отворање на „Културното лето“ ќе биде на плоштадот „Делфина“, со почеток во 20:00 часот, со настапите на ди-џеј, Александар Тарабунов-Тара и на една од најпопуларните македонски групи – „Нокаут“, настан што ветува добра музика, одлична забава и незаборавно доживување за публиката во Карпош.

В петок, 21 август, во 12:00 часот, во галеријата на Кинотеката ќе може да се види изложбата на Детскиот ликовен центар, а ќе биде отворена за јавноста сè до 31 август. На изложбата ќе бидат претставени дела од 10-мина академски ликовни уметници, од кои осуммина се од Македонија, а двајца од Србија. Потоа, во 12:30 часот ќе биде промоцијата на книгата „Зоја“, од авторката Јоана Шишкова. Вечерта во 19:00 часот, на плоштадот „Делфина“, најмладите ќе може да го проследат настапот на членовите на детскиот фестивал „Поточиња“.

Програмата ќе продолжи со настапот на пензионерскиот хор „Карпош“ во 20:00 часот, по што ќе следува настапот на  „Тумбао салса бенд“ со Сашо Гигов-Гиш, насловен „Џипси најт“, во 21:00 часот.

В петок, 21 август, во дворот на основното училиште „Петар Поп Арсов“,  во 20:00 часот, ќе има кино на отворено, во рамките на кое ќе може да се гледа филмот „Приказната за Силјан“. В сабота ќе има журка на ФИНКИ, со почеток во 19:00 часот, а за наредниот ден е предвидена детска работилница. Воедно, ќе може да се проследи и меѓународниот фолклорен  фестивал, потоа евергрин-вечерта со Дац и Александар. И Игор Џамбазов и Гуру Харе ќе ги забавуваат карпошани, а љубителите на народната музика ќе може да ги проследат настапите на Душко Георгиевски, Зуица Лазова и на Миле Кузмановски.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ