петок, јуни 26, 2026
Дома МАГАЗИН Денот на победата во Франција проследен со скандал: Песна во чест на...

Денот на победата во Франција проследен со скандал: Песна во чест на нацистичкиот соработник емитувана за време на прославата

110
Фото: EPA/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

За време на прославата на Денот на победата во Втората светска војна во францускиот град Карпентрас, беше емитувана песната „Маршал, еве нè!“ во чест на францускиот маршал Филип Петен, создадена за време на Вишиевата Франција која соработуваше со нацистите, што локалната радио станица РТВ ФМ ја окарактеризира како грешка и се извини.

Видеата објавени на локалните медиуми покажуваат звучници како ја емитуваат песната низ градските улици, а според извештаите, емитувањето се случило во петок околу 17:30 часот, што беше потврдено и од други извори.

Градоначалникот на Карпентрас од крајно десничарскиот Национален собир (РН), Ерве де Лепино, изјави дека градската администрација не ја избрала музичката содржина за овој ден и дека ја ангажирала локалната радио станица РТВ ФМ, со која планира да го раскине договорот.

– Не бев информиран – рече градоначалникот, додавајќи дека списокот со песни претходно не бил проверен од општината, објави БФМ ТВ.

На социјалната мрежа X, RTV FM објави соопштение во кое се извинува и објаснува дека станува збор за „претходно снимена музичка секвенца наречена „Бал на ослободувањето“, во која ненамерно била вклучена песна во чест на маршалот Петен“.

Радиото им се извини на општината, присутните, ветераните и патриотските здруженија, нагласувајќи дека „градоначалникот, неговите соработници и службата за организација на настанот не се одговорни за емитување на оваа целосно несоодветна музичка содржина, некомпатибилна со вредностите што се нагласуваат на таков настан“.

Ерве де Лепино објави на социјалната мрежа X дека ќе поднесе пријава за „злонамерно дејство со намера да се предизвика штета“, пренесе „Танјуг“.

 

ИЗДВОЕНИ