четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Денеска рочиште за “Пулс”, ОЈО останува на обвинението за нив неприфатлив е...

Денеска рочиште за “Пулс”, ОЈО останува на обвинението за нив неприфатлив е наративот на одбраната

261

Денеска во судницата во Идризово продолжува судењето за несреќата во Кочани. Останаа да сведочат уште неколкумина преживеани од кобната ноќ, по што ќе следува доказна постапка.
Се погласни се реакциите во јавноста од бранителите на обвинетите за правната квалификација на обвинението, за нив апсурдно е дека сите се обвинети оти заедно го предизвикале пожарот.

„Предизвикување општа опасност е непосредно кривично дело, што сега се извршува: тоа што моментално ќе го направите – да предизвика пожар како последица. Во конкретниот случај не може луѓе што работеле во државната администрација во процесот на издавање на лиценците на кабарето, да ги обвините дека го предизвикале, односно подметнале пожарот”, изјави адвокатот Петре Шилегов кој е бранител на поранешен службеник во економија, додавајќи дека и до ден денеска исти се документи за добивање на лиценца за угостителски објект.

Весникот Вечер побара став од Обвинителството на барањата од бранителите за ревизија на обвинението, одтаму ни одговорија дека ЈО спроведе темелна истрага и обезбеди докази врз основа на кои поднесе обвинение за сите оние кај кои утврди одговорност во однос на катастрофалните последици настапени во кочанската дискотека „Пулс“.

„Обвинението е потврдено од судот и доказната постапка е во тек. Освен во делот на активација на пиротехниката, предмет на обвинение се и сите кривичноправни дејствија кои имаат неизоставна и директна врска со последицата, па во таа насока на одговорност се повикани обвинети за непостапување во поглед на нарушување на безбедносните правила кои имале правна должност да ги преземат во однос на контрола на бројот на посетители, на вградените материјали и емисијата на гасови што ја продуцирале, како и незаконитите и неадекватни услови за евакуација и противпожарна заштита. При ваква состојба, неприфатлив е наративот на одбраната пласиран во јавноста кој воопшто не е предмет на она што се расправа во судница“, одговорија за ВЕЧЕР тимот на обвинители што го застапуваат обвинението за „Пулс“.(П.А)

 

 

ИЗДВОЕНИ