Младите од најмалку 25 земји во Европа вчера, денеска на Меѓународниот ден на протестите, излегоа на улица. Некаде улиците и плоштадите почнаа да се полнат уште изутрината, а во некои земји ова се први такви протести.
Студентските организации во Хрватска, Велика Британија, Франција, Шпанија, Италија, Португалија и на други земји организираа прекини на наставата за да предупредат за наглиот пораст на трошоците за живот, повисоката школарина и за лошото финансирање на образовниот систем. Демонстрантите, исто така, ги обвинуваат политичките лидери за соучество во војната на Израел во Газа, пишува Си-ен-ен.
Овој бран протести, кој го организираше движењето „Меѓународно младинско штрајкување“ под слоганот „За нашата иднина, а не за нивните војни“, е продолжение на акциите што ги почна генерацијата зет претходно оваа есен. И тогаш младите изразија незадоволство, бидејќи веруваат дека владите не ги заштитуваат од нерегулираната вештачка интелигенција, големата невработеност и последиците од климатската криза.
На собирите во Келн, до вечер се очекуваа до 10.000 студенти, објави партнерскиот канал на Си-ен-ен, РТЛ Германија. Во Велика Британија, учениците и студентите од повеќе од 350 училишта и колеџи ја прекинаа наставата, според организацијата „Социјалистички студенти“, која учествува во протестите.
– Младите нема да стојат настрана додека се намалуваат буџетите за нашите училишта и колеџи, додека се наоѓаат милијарди за војна – рече Адам Пауел-Дејвис, претседател на „Социјалистичките студенти“. Неговата порака е: „Борете се за нашата иднина, а не за нивните војни“.
Илјадници луѓе изутрината веќе беа на улиците на италијанските градови, јавува „Скај TГ24“. Во Рим, демонстрантите извикуваат слогани и носеа транспаренти со пораки: „Пари за училишта, а не за војна“ и „Сакаме живот без скапотија“. Во Италија, заедно со студентите протестираат и работниците, кои излегоа на генерален штрајк организиран од најголемиот синдикат во земјата, ЦГИЛ, противејќи се на економските политики на премиерката Џорџа Мелони и барајќи повисоки плати и повеќе инвестиции во јавните услуги, јави „А њуз“. Други италијански синдикати, меѓу кои и движењето „Кобас“, исто така, повикаа на посебни штрајкови, додека низ целата земја се планирани студентски демонстрации.
– Денес е, исто така, многу важен ден, бидејќи младите луѓе излегуваат на улиците не само во Италија туку и низ цела Европа – изјави лидерот на ЦГИЛ, Маурицио Ландини, додавајќи дека низ Европа, меѓу обичните луѓе, расте барањето за промени.
Воздушниот и железничкиот сообраќај се исклучени од генералниот штрајк во Италија, додека локалниот јавен превоз е ограничен поради барањата за одржување минимален обем на услуги. Сепак, најавен е посебен штрајк во железничкиот сообраќај – од вечерва во 21:00 часот до утревечер во 20:00 часот.
Во Хрватска, иницијативата „Младински штрајк“ ги повика учениците од средните училишта и студентите на целодневен бојкот на наставата во рамките на младинскиот штрајк. Протестни активности, кои се први во оваа земја, има во Загреб, Риека, Пула, Задар и во Осиек, а организаторите предупредуваат за високите трошоци за живот, тешко достапните станови и за проблемите во образованието и во здравството. Организаторите, исто така, бараат демилитаризација и подобра заштита на животната средина. Тие најавија дека немаат намера да престанат по овој бојкот.












