Преку ценовно чувствителна информација до Македонската берза, Комерцијална банка објави дека ќе учествува на аукцијата за продажба на 95,336 отсто од акциите на битолската банка. Народната банка не открива колку и кои заинтересирани инвеститори доставиле документација за добивање претходна согласност.
Комерцијална банка АД Скопје засега е единствената банка која јавно го потврди интересот за учество во трката за купување на доминантниот акционерски пакет во Алта банка АД Битола, поранешна Стопанска банка Битола. Банката преку ценовно чувствителна информација објавена на Македонската берза, соопшти дека донела одлука да учествува на претстојната јавна берзанска аукција за продажба на акциите на битолската банка.
Во известувањето, објавено согласно Правилата за котација, се наведува дека Надзорниот одбор на Комерцијална банка на седницата одржана на 19 ноември 2026 година донел одлука за учество на јавната берзанска аукција, согласно објавата за продажба на обични акции издадени од Алта банка АД Битола, објавена на 16 ноември во „Службен весник“.
Заинтересираните инвеститори требаше најдоцна до 19 ноември 2026 година, да достават барање со потребната документација до Народната банка, како и писмена изјава дека ќе ги уплатат парите за купување на акциите во предвидениот рок. Весникот ВЕЧЕР побара од Народната банка информација колку и кои правни лица доставиле документација, но оттаму не откриваат колку инвеститори се заинтересирани.
– Во моментов, тече рокот во кој Народната банка треба да спроведе постапка за оценување на исполнувањето на законските услови за стекнување квалификувано учество во Банката. Информациите за бројот и идентитетот на заинтересираните лица, како и за текот и исходот од постапката за лиценцирање, не се предмет на јавно објавување, поради што Народната банка не може да споделува информации во врска со овие прашања – ни одговорија од Народната банка.
Инаку, Комерцијална банка повторно влегува во трката за битолската банка, откако претходно имаше обид за нејзино преземање, но не успеа да обезбеди доволна поддршка од акционерите. Имено, во септември 2023 година Комерцијална банка објави дека ја разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка Битола. Во август 2024 година, пак, објави понуда за преземање на сите 390.977 обични акции по цена од 3.200 денари за акција, односно вкупна вредност од околу 20,3 милиони евра. Понудата ја прифатија акционери кои поседувале 176.154 акции, или 45,05 отсто од акциите со право на глас, што не беше доволно за реализација на преземањето. За успешна реализација беше потребна согласност од акционери со најмалку 67 отсто плус една акција.
Во меѓувреме, по спроведената аквизиција од страна на српската Алта банка во 2025 година, Стопанска банка Битола го промени името во Алта банка АД Битола. Предмет на актуелната продажба се 372.742 обични акции, односно 95,336 отсто од вкупниот број акции на Алта банка АД Битола. Тие се во сопственост на Алта банка АД Белград, која е во стечај.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, со почетна цена од 3.777 денари за акција. Продажбата ќе се спроведе според моделот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираниот купувач ќе мора да го преземе целиот понуден пакет акции. Доколку не се реализира продажбата на првата аукција, следните се предвидени за 1, 2, 3, 4 и 7 декември. Почетната цена на секоја наредна аукција ќе се намалува за 10 отсто во однос на цената од претходната.
(С.Бл.)












