По повод Неделата на грижа за старите лица, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, го посети Здружението „Моето гнездо“, кое ја спроведува социјалната услуга за помош и нега во домот, на територијата на Општината.
Услугата, која активно се реализира во Општина Илинден, е наменета за лицата над 65 години, како и за лицата со попреченост, со цел да им се обезбеди соодветна грижа и поддршка во домашни услови, поголема самостојност и подобар квалитет на животот.
При посетата, градоначалникот Георгиевски се запозна со досегашните активности на Здружението и истакна дека грижата за повозрасните граѓани, како и за лицата со попреченост, е еден од најголемите приоритети на локалната самоуправа.
Сите заинтересирани граѓани што имаат потреба од услугата помош и нега во домот, можат да се обратат на телефонскиот број 079 340 473, на кој ќе добијат дополнителни информации за начинот на користење на услугата, која е целосно бесплатна.












