Најдобриот македонски маратонец, Дарио Ивановски, е нашиот единствениот претставник на Европското првенство во атлетика, кое се одржува во Бирмингем, до 16 август. Тој сам ќе ја брани честа на македонската атлетика во конкуренција на повеќе од 1.600 спортисти од 49 земји. Ќе настапи во својата најсилна дисциплина (маратон на 16 август) и ќе се обиде достојно да ја претстави Македонија во конкуренција на најдобрите европски маратонци.

На маратонската трка ќе настапат 64 натпреварувачи, бранител на титулата е Германецот Ричард Рингер, а светскиот рекорд во оваа дисциплина е во сопственост на Кениецот Себастијан Севе, со време од 1:59.30 часа.

Ова ќе биде 27. издание на ЕП и прво во историјата чиј домаќин е град од Велика Британија. На модернизираниот „Александер стадион“ во Бирмингем ќе се води битка за медалите во вкупно 50 дисциплини. На шампионатот ќе настапат и некои од најголемите ѕвезди на светската атлетика, предводени од светските рекордери Мондо Дуплантис и Јарослава Махучих, како и олимписките и европски шампиони Јакоб Ингебригтсен и Кили Хоџкинсон.

Дополнителен мотив за најдобрите атлетичари ќе биде наградниот фонд од 500.000 евра обезбеден од Европската атлетска федерација, преку иницијативата „Златна круна“. Парите ќе бидат распределени меѓу десеттемина натпреварувачи – пет во машка и пет во женска конкуренција – што ќе ги остварат највредните резултати според официјалните таблици за бодување на Светската атлетика.

ИЗДВОЕНИ