Државата во првите седум месеци од годинава наплатила речиси 118 милијарди денари од даночни приходи, што претставува раст од 10 отсто во споредба со тој период минатата година. Најголем придонес во растот имаат данокот на добивка, ДДВ, персоналниот данок и царинските давачки.
Вкупните буџетски приходи до 31 јули достигнале 204,553 милијарди денари, односно 53,9 отсто од планираните приходи за целата 2026 година. Во однос на првите седум месеци од 2025 година, во државната каса се слеале 9,3 отсто повеќе средства.
Најголем процентуален раст има кај данокот на добивка. Компаниите уплатиле во буџетот 16,687 милијарди денари, што е за 20,6 отсто повеќе од лани и претставува 62,8 отсто од годишниот план.
Најголем поединечен извор на даночни приходи и натаму е ДДВ. Од овој данок се собрани 53,026 милијарди денари, што е раст од 13,4 отсто во споредба со тој период минатата година. Приходите од ДДВ директно зависат од потрошувачката на граѓаните и од работењето на компаниите.
Од персоналниот данок на доход, кој се наплаќа од платите и од другите лични приходи, државата собрала 20,925 милијарди денари, што претставува зголемување од 11,9 отсто.
Има раст и кај приходите од увозот. Царинските и другите увозни давачки донеле 9,361 милијарди денари или 10,3 отсто повеќе од тој период лани.
Во исто време, државата им вратила на компаниите 23,333 милијарди денари по основ на поврат на ДДВ, што е за 3,5 отсто повеќе во однос на првите седум месеци од 2025 година.
Паралелно со растот на приходите, зголемена е и реализацијата на капиталните инвестиции. До крајот на јули биле реализирани 21,288 милијарди денари, што е раст од 39,6 отсто во однос на тој период минатата година. Дополнително, 717 милиони денари биле префрлени кон Развојната банка за поддршка на проекти на домашни компании.
Во првите седум месеци, државата продолжила и со отплатата на долговите. Биле исплатени 49,351 милијарди денари кон странските кредитори и 11,665 милијарди денари кон домашниот пазар, како и 308 милиони денари за обврзници од денационализација.
Со ребалансот на буџетот за 2026 година, вкупните приходи се проектирани на 379,2 милијарди денари, од кои 213,2 милијарди денари се очекуваат од даночните приходи. Вкупните расходи се планирани на 425,2 милијарди денари, со предвиден буџетски дефицит од 46,1 милијарда денари.












