Земјоделците од Струмичко велат дека цената од 25 денари за килограм не ги покрива ниту производствените трошоци и најавуваат блокади доколку нема решение. Бараат државата да се вклучи за утврдување реални производствени цени и поправедна распределба на заработката. Во меѓувреме, ресорното Министерство почна разговори со производителите и со откупувачите за надминување на проблемот
Производителите на црвена пиперка од Струмичко се закануваат со протести поради ниските откупни цени, кои, како што велат, не ги покриваат ниту основните трошоци за производство. Тие најмногу реагираат на цената од 25 денари за килограм пиперка наменета за конзервната индустрија, оценувајќи ја како недоволна за да се вреднуваат нивните труд и вложувања.
Земјоделците посочуваат дека годинава дополнителен проблем биле временските непогоди – пролетните поплави и силниот ветер, кој оштетил дел од пластениците, што барало нови вложувања.
– Срамота е за 25 денари да се дадат килограм пиперки. Дали знаат надлежните како се произведува, како се боревме да ги спасиме посевите и како дополнително вложувавме по оштетувањето на пластениците? Со овие цени нема да ги покриеме ни трошоците – реагираат градинарите од Струмичко.
Според нив, стартните откупни цени годинава се за околу 20 проценти пониски во споредба со тој период минатата година. Велат дека проблемот не е само кај пиперката туку и кај другите земјоделски производи, каде што, како што нагласуваат, нема стабилни и одржливи откупни услови.
Тони Максимов од Националната земјоделска мрежа смета дека главен проблем е отсуството на јасно утврдена производствена цена за земјоделските производи.
– Потребна е национална стратегија за утврдување на производствените цени. Министерството за земјоделство, во соработка со другите институции, треба да направи пресметка на реалните трошоци за производство и на таа основа да се обезбеди заработка од најмалку 25 проценти за производителите. Земјоделците остваруваат приход еднаш годишно и од тие средства треба да живеат цела година. Дали ќе бидат во добивка или во загуба, зависи од откупната цена – изјави Максимов за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека најчесто откупувачите ги диктираат откупните цени, а колку е пониска цената за производителите толку е поголема заработката за другите учесници во синџирот.
– Бараме вклучување на сите институции за да се утврдат производствените цени на земјоделските производи. Треба да се обезбеди поправедна распределба во синџирот на снабдување – 50 проценти од продажната цена да му припаѓа на производителот, а другите 50 проценти да ги распределат откупувачите и трговците – вели Максимов.
Во Струмичкиот Регион веќе почна бербата на пиперката ајварка. Земјоделците информираат дека поквалитетната пиперка, наменета за извоз, се откупува по цена од 35 до 45 денари за килограм, додека другата, која оди во преработувачките капацитети, се откупува по 25 денари. Со интензивирањето на бербата, се очекува зголемување на количините во откуп.
По реакциите на земјоделците за ниската откупна цена, министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, одржа средби со откупувачите и со производителите на пиперка. На разговорите беа разгледани откупните цени, условите за преземање на реколтата, извозните можности и навремената исплата кон земјоделците.
Серафимовски порача дека, иако пазарните услови ги определуваат цените, откупот мора да биде транспарентен, со јасно истакнати цени и прецизна класификација на производите. Од Министерството информираат дека продолжуваат контролите на откупните пунктови и дека во наредниот период ќе следуваат средби со преработувачите за можностите за откуп и пласман на годинашната реколта.
(А. С.)












