Шеќерот поскапува четврти месец по ред, а растителното масло достигна највисока цена од крајот на 2022 година. Истовремено, житарките, месото и млечните производи во октомври поевтиниле, со што вкупниот индекс на цените на храната на светскиот пазар забележал пад од 1,2 % во однос на септември, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените на храната на ФАО во октомври изнесувал 133,9 поени. И покрај месечното намалување, тој е за 5,9 % повисок во споредба со октомври минатата година, но за 16,4 % понизок од рекордното ниво забележано во март 2022 година.

Најголем пад е регистриран кај житарките, чиј индекс се намалил за 4,5 %, на 116,8 поени. Пченицата поевтинила по четири последователни месеци раст, главно поради послабата меѓународна побарувачка, подобрите изгледи за производство во Аргентина и очекувањата за поголем извоз од регионот на Црното Море. Пониски цени се забележани и кај пченката, јачменот и сиракот.

Пад од 1,2 % има и кај индексот на цените на месото, кој достигнал 125,5 поени. Пониски цени се регистрирани кај свинското, овчото и говедското месо, додека живинското останало стабилно. Од ФАО објаснуваат дека поевтинувањето на свинското месо во ЕУ се должи на зголемената понуда и ограничените извозни можности.

Млечните производи поевтиниле за 1,1 %, на 117,8 поени, главно поради пониските цени на путерот и сирењето, како резултат на високите резерви и послабата побарувачка во ЕУ и САД.

Наспроти овој тренд, шеќерот поскапел за 6,6 %, достигнувајќи 121,3 поени, што е највисоко ниво од декември 2024 година. На годишно ниво, поскапувањето изнесува 28,8 %. Причините се неповолните временски услови во Бразил, послабите монсунски дождови во Индија и пониските приноси во ЕУ и Тајланд.

Растителните масла поскапеле за 0,3 %, а индексот достигнал 199,2 поени. Особено се издвојува соиното масло, чија цена е највисока од крајот на 2022 година, главно поради зголемената побарувачка од секторот за биогорива.

 

 

ИЗДВОЕНИ