Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, за неговата збирка „Нови, познати фрази“ е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2026 година на Струшките вечери на поезијата. Ова го соопштија Мите Стефоски, уметнички директор и Никола Кукунеш, в.д. директор на Струшките вечери на поезијата на денешната прес-конференција одржана во Скопје.
„Мостови на Струга“ е награда за најдобра поетска збирка меѓу два фестивала на Струшките вечери на поезијата од поет дебитант, а востановена во 2004 година како награда на УНЕСКО.

– Даниел Хајндс е млад поет, кој успешно го премостува јазот меѓу исконското и современото, создавајќи безвременски стихови кои одекнуваат со авторитет и интелектуална љубопитност. Неговото творештво е задолжително четиво за оние што ја сакаат поезијата што, во исто време, предизвикува и воодушевува, велат од СВП.
Како што посочуваат, одлуката да му се додели наградата на Хајндс, во конкуренцијата од 14 пристигнати поетски книги на млади автори од земјава и од странство, лежи во неговата поезија која претставува специфичен спој на историската длабочина, митолошките одеци и суровата, речиси вајарска прецизност на јазикот.
– Неговото творештво можеме да го опишеме како „археологија на зборот“, каде што секој стих копа низ слоевите на минатото, за да ги изнесе на површината заборавените гласови и предели. Среќавањето на митот и сегашноста се срцевината околу која се развива тематиката во неговата поезија, така што како стожерни теми во неговата поезија можеме да ги подвлечеме: Историјата и наследството, воочливо, се културолошкиот товар од кој е длабоко фасциниран. Особено е нагласена и впечатлива англосаксонската историја, средновековните легенди и начинот на кој минатото го обликува современиот идентитет. Таквите негови песни создаваат привид дека минатото не е мртво, туку дека пулсира под површината на современието. Потоа, природата и пејзажот, кои носат описи кои немаат стерилна, декоративна, улога. Пејзажот кај него е жив, често суров и полн со симболика, тој е жив протагонист кој го обликува човековото искуство. Како и митологијата, како логичен тек, но реинтерпретирана и во класичните и во фолклорните мотиви, давајќи им нова, честопати помрачна и поопиплива димензија, се посочува во образложението за наградата.
Се додава дека поетиката на Хајндс се одликува со лингвистичка прецизност и изобилие од архаични, но функционални изрази.
– Неговиот стил е економичен, а моќен. Секој збор е камен што тежи таму каде што му е местото, избегнувајќи го излишниот сентиментализам. Не помала вредност имаат аудитивните елементи, бидејќи стремејќи се кон архаичен израз, неговите алитерации и внатрешниот ритам создаваат реална слика дека тоа се звуци кои доаѓаат директно од усната поетска традиција. Накратко, неговата поезија не е обично читање, туку набљудување на процесот на создавање свет од кал, крв и стихови, се истакнува во соопштението.

Даниел Хајндс живее во Њукасл. Неговата дебитантска збирка поезија „Нови, познати фрази“ била објавена од „Брокен слип букс“ во март, 2025 година. Тој е финалист за најдобар млад талент на наградата за култура „Североисток“, која е дел од „Њу криејтив“ на Би-би-си. Избран е за „Нов северен поет“ на книжевниот фестивал „Илкли“, како и „Североисточен поет“ на организацијата „Њу рајтинг норт“. Тој е добитник на поетската награда „Тимоти Корселис“ која ја доделува „Поетското друштво“. За неговата поезија, тој е добитник на наградата „Нови форми“ од страна на Универзитетот Источна Англија (UEA).












